Традиционално и годинава во делчевски Ѕвегор “Сурова” се славеше до рани зори

Сурова ечеше од рано наутро во делчевски Ѕвегор. Суроваскарите со зурли и тапани им посакаа на ѕвегорци сурова, зелена и здрава Стара нова година.

  • Ова е прослава на новата година, денеска по старо треба да е 1 јануари, а сурова значи здрава нова година, изјави Стефан Манасиев, жител на с. Ѕвегор.

Ѕвегорските суроваскари и оваа година преку вековното живо наследство, сурова, со свадбарската поворка и тетатарот на отворено под маски го посетија секој дом во селото.

  • Ова е стара традиција, јас сум стар дедо и ги бркам лошите духови, изјавија дел од маскираните суровари.
  • Секоја година се преправам, а оваа година има многу млади. 50% од сите имаат по 15 години и значи традицијата продолжува, изјави граѓанин.

Новата генерација суроваскари им дава надеж на старите дека оваа традиција во Ѕвегор има иднина.

  • Јас сум најстар имам 70 години и од моите 10 години одам на сурова и ме радува што има млади, изјави суровар.

Само во делчевски Ѕвегор, за разлика од другите краеви на Пијанец,  овој обичај се изведува на самиот ден на Василица. Инаку, свадбарската поворка има богатство на маски, кои имаат специфична улога, а според богатството на маските, овој обичај етнолозите го нарекуваат и пијанечко Вевчани.

  • Тука се зетот и несвестата, попот, белаците кои ја чуваат невестата да не биде пред време откриена,мечката…. бабата која ја асоцира старата година, мечката која ги лекува болните, еротските игри кои асцираат на плодноста, изјави Стефан Манасиев, жител на селото.

Веселата свадбена поворка завршува со богатиот свадбарски ручек подготвен од кумовите. На ручекот ќе се открие невестата и ќе паднат сите маски од годинешнава Сурова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *