СТОРИЈА: ПИЈАНЕЧКА РЕПУБЛИКА

ИСТОРИСКИ ФАКТИ ЗА ПИЈАНЕЧКАТА РЕПУБЛИКА

Во јануари 1878 година, незадоволен од насетуваниот епилог за Македонија од Руско-турската војна, во Пијанец влегол војводата Дедо Иљо Малешевски со 150 соборци, кому подоцна му се придружила и четата на Димитар Беровски, по што се создала Пијанечката Република, за која малку се знае, со востаничка власт, селски старешини, совет на народни првенци, полициски стражи, опстоила до крајот на март, период во кој населението во Пијанец живеело слободен живот

Пишува: Љупчо Шатевски

Веднаш по Руско-турската војска, повеќе од два месеца, од јануари до крајот на март 1878 година, населението во Пијанец живеело слободен живот во Пијанечката Република, 25 години пред многу попознатата Крушевска Република. Во Пијанец тогаш биле формирани востаничка власт со селски старешини, комисија на народни првенци, полициска стража…

Пограничен крај изложен на многу ветрометини и страдања

– Како пограничен крај, Пијанец бил многу изложен на сите ветрометини што се случувале на овие простори, од кои најмногу страдало населението и тоа уште пред многу векови, па се’ до пред седум децении. Токму затоа и форми на организиран отпор на народот имало и пред Илинденското востание, па и порано. Пред се’, тоа се Разловечкото востание од 1876 година под водство на поп Стојан Разловски и Димитар Беровски, а две години подоцна и создавањето на Пијанечката Република, во која населението седумдесетина дена живеело слободен живот – вели историчарот од Делчево, Славчо Десподов.

Пијанечката Република била создадена во јануари 1878 година, по влегувањето на руските сили во Ќустендил. Незадоволен од развојот на настаните во врска со епилогот за Македонија од војната, војводата Илија Марков или Дедо Иљо Малешевски (1822-1898) со четата од 150 борци, на која потоа и’ се придружил и Димитар Поп-Георгиев Беровски со соборците, дошол во Пијанец, од кој претходно се повлекла турската војска. Останале само башибозучки банди, кои биле разоружани за три дена, откако Малешевски во месноста Ветренски Ливади се состанал со влијателниот буљукбаша Мустафа Брзе.

Дедо Иљо Малешевски и соборците

Сите села запознаени со ослободителните намери на востаниците

Востаниците потоа ги обиколиле сите села во регионот за да го запознаат населението со своите ослободителни намери. Била формирана востаничка власт со селски старешини, полициска стража, како и совет или комисија од народни првенци, на чие чело бил Иванчо Икономов од Царево Село, денешно Делчево. Кон крајот на февруари се дознало дека Пијанец и Македонија и натаму ќе останат под турска власт, за разлика од Бугарија која станала автономно кнежевство. Четите на Малешевски и на Беровски добиле наредба да се повлечат во Ќустендил.

Пијанеччата Република функционирала уште еден месец, до 30 март 1878 година. На 29 март стигнала вест дека од Виница и Кочани кон Пијанец доаѓа многубројна турска војска, вооружена и со топови, која следниот ден била во Царево Село (Делчево). Непосредно пред да стигне аскерот, повеќе од 150 христијански семејства од пијанечките села избегале кон Ќустендил, Софија и други места, од кои дел потоа се вратиле, откако турските власти ветиле дека нема да има репресалии.

Иако е значаен настан од македонската историја, за Пијанечката Република се знае малку. Делчево и Пијанец во последните години почнаа да ги одбелжуваат годишнините од Републиката, првпат поорганизирано пред три години, кога имаше изложби, концерт на македонски антологиски родољубиви песни, а делчевски ученици со уметникот Живко Поповски – Цветин испратија порака на мирот што ја пуштија во шише во реката Брегалница.

Делчевски ученици со уметникот Цветин пуштаат порака на мирот во шише во реката Брегалница

ВОСТАНИЧКИОТ ШТАБ БИЛ ВО СЕЛОТО ВЕТРЕН

Најзначајните настани во периодот на Пијанечката Република се случувале во селото од разбиен тип Ветрен, кое тогаш имало околу 500 жители, а по Руско-турската војна било поделено на два дела, поделба што била зацементирана и по балканские војни. Десетина маала на селото останале на македонска, а десетина на бугарска територија, во денешната општина Невестино.

Старите куќи во Ветрен и денес како да потсетуваат на времето на Пијанечката Република

Во месноста Ветренски Ливади, кај маалото Влаовец, кое е на македоска територија, Дедо Иљо Малешевски имал средба со турски првенци, на која било договорено сето оружје од башибозучките банди да биде предадено во рок од три дена во востаничкиот штаб во Црквенец, ветренско маало на неколку километри од Влаовец кон Делчево.

И по Пијанечката Република и поделбата на селото, Ветрен останал како еден од главните канали за пренесување оружје и за премин на население и комити кон и од Ќустендил и Бугарија. Во функционирањето на тајниот пункт кај Ветрен во првите години по поделбата на селото особено се истакнале Петре Поп-Димитров, кој останал во Ветрен од бугарската страна на на границата, и Стојан Судијата, кој имал имоти од двете страни на границата. Речиси сите маала на Ветрен од двете страни на границата денес се речиси целосно испустени, без ниту еден или со мал број жители.

ММС-Стории

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *