Среќен роденден Тоше наша ѕвездо незгасната!

Денес се навршуваат 42 години од раѓањето на најголемата македонска ѕвезда, нашиот ангел Тоше Проески. Човекот кој освен тоа што поседуваше огромен талент имаше огромно срце и секогаш имаше љубов за сите.

 

„Тоше“ Проески познат македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија.

Музичката кариера ја започнал со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната наYesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998).

Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори.

 

Во 2004 година бил прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.

Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.
Загинал на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно бил прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, бил прогласен за Ден на национална жалост.

Роден е како Тодор Проески во Прилеп, во влашко семејство, чие постојано живеалиште било Крушево.
Музичкото образование го стекнува во музичко училиште во Битола и на Музичката академија во Скопје. Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот „Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на „Макфест” со композицијата „Пушти ме”.

Тоше работeше со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издаде својот деби-албум „Некаде во ноќта” кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржа својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.
Во 2000 година Тоше учествува на „Скопје Фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната „Солзи прават златен прстен” која, и покрај тоа што победува на телегласањето, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победниците XXL. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум „Синот Божји” кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како „Немир” (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам”, „Излажи ме уште еднаш”, како и „Илузија” и „Тајно моја”, две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот „Сунчане скале” во Херцег Нови, Црна Гора).
Српската продукциска куќа „BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродадени концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум „Ако ме погледнеш во очи” на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот „Беовизија” со песната „Чија си” која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.
Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.
Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на телегласање, жири и лично мислење, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас”, двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија.

Следниот месец, Тоше го освојува 14тото место со песната „Life”, англиската верзија на „Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите извонредни оперски квалитети на прес-конференциите.
Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.

По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија – This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима „Krajnje Vreme” со словенската пејачка Ања Рупел.

Во 2005, неговиот петти албум „По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот – неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.
Неговиот следен албум – Божилак – е компилација на 14 избрани македонски народни песни проследени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници – неговиот последен албум.

Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) одржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од 40.000 посетители.

Веста за смртта на Тоше Проески е објавена од најголемите светски новински агенции. Најголем дел од нив го нарекуваат „најголема балканска ѕвезда“, а Би-Би-Си, неговата слава на Балканот ја поистоветува со онаа на Елвис Присли во САД.

По повод смртта на Тоше Проески, на главниот плоштад во Скопје се отворени книги на жалост, а илјадници скопјани оставаат пораки, палат свеќи и се потпишуваат во книгата на жалоста.
Отворена е и петиција за името на Тоше Проески да го носи Средното музичко училиште во градот Битола, каде учел Тоше Проески.

Истата петиција важи и за промоција на хуманитарен фестивал кој ќе се одржува секоја година на денот на неговата смрт 16 октомври и кој ќе го носи неговото име и ќе опфаќа музичари од сите музички жанрови, се со цел да им се помогне на сите оние на кои им треба хуманитарна помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *