Со средства од ИПР ќе се осветлува влезот и излезот од Македонска Каменица

Околу 170.000 евра се планираат за осветлување на патниот влез и излез од Македонска Каменица како дел од А3 магистралата која го поврзува Источниот Регион во државата со Бугарија. Навечер овој транзитен коридор околу Браната Калиманци на влезот и излезот од градот е во тотален мрак, па затоа се смета дека овој проект значително ќе ја подобри инфраструктурата и сликата за градовите овој дел на Македонија

Македонска Каменица, 09.03.2021 година – Центарот за развој на Источен плански Регион (ИПР) ги поднесе приоритетните проекти за оваа година што треба да бидат финансирани од Програмата за рамномерен регионален развој. Во рамките на оваа програма, проектите го поминале првиот филтер на одобрување, но се очекува до крајот на месецов само формално да се финализира комплексната апликација и проектите да почнат да се реализираат.

„Ние веќе дефиниравме пет проекти во шест градови во регионот и тоа Берово, Делчево, Македонска Каменица, Лесново, Кочани и Штип во вкупна вредност од 830 илјади евра“, вели раководителката на Центарот Зујица Ангелова.

Според Ангелова, без некој посебен редослед интересен е заедничкиот проект за Штип и Кочани кои треба да добијат осмислени паркови кои ќе понудат можности за рекреација и престој. Двата парка ќе бидат пристапни и за лица со посебни потреби. Во Кочани паркот е покрај самото речно корито, а во Штип ќе биде во состав на Домот на младите. Планирано е да има партертно уредување, ќе има базен и простор за качување по карпи.

За регионот посебно е значаен проектот за изградба на пазар со затворен и отворен дел во Делчево како најголема општина во Малешевијата и економски центар на овој микрорегион. За овој проект се предвидуваат околу 350.000 евра.

„Оценивме дека од економски аспект, голем број земјоделци и занаетчии гравитираат кон Делчево, а важно е што овој град е често посетуван од граѓани од соседна Бугарија. Со изградбата на пазарот ќе се создадат услови за подобар пласман и промоција на земјоделските и занаетчиските производи како адекватна понуда на домашниот купувач и нивен поголем пласман во странство преку потрошувачите кои доаѓаат од соседните земји“, вели Ангелова.

Околу 170.000 евра се планираат за осветлување на патниот влез и излез од Македонска Каменица како дел од А3 магистралата која го поврзува Источниот Регион во државата со Бугарија. Навечер овој транзитен коридор околу Браната Калиманци на влезот и излезот од градот е во тотален мрак, па затоа се смета дека овој проект значително ќе ја подобри инфраструктурата и сликата за градовите овој дел на Македонија.

Годинашниов акционен план на ИПР за спроведување на Програмата предвидува и изградба на колекторки систем со пречистителна станица во селото Лесново и Лесновскиот манастир кој со својата долговечност и пештерските цркви важи за непроценливо културно богатство на Балканот. За подобрување на условите за живот во овој поглед се планираат околу 80.000 евра.

Шестиот проект од околу 90.000 евра е за реконструкција на постоечката улица што минува покрај Беровското Езеро и старото напуштено одморалиште. Од Центарот за развој на ИПР сметаат дека овој проект не само што ќе ја подобри туристичката понуда во овој крај, туку ќе биде мотив и поттик на сите да се најде решение и за реконструкција на старата зграда на Беровското одморалиште кое сега пропаѓа, а порано беше многу посетено и претставуваше голема туристичка атракција.

Извор: Сакам Да Кажам

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *