Саса загуби од Беласица. Победата ја однесоа судиите

11.XI.2017 (kamenica.mk)
Во дванаесетото коло од Втората фудбалска лига на Македонија, ФК Каменица САСА на домашен терен одигра со резултат од 0:5 против струмичка Беласица. Првото полувреме се играше на двете половини од теренот со назименични шанси за гол на двете страни, но на одмор се замина без голови. Домаќините во текот на првиот дел повеќе играа против судиите отколу против анемичните гости.  Свиреа непостоечки контакти, фаули и прогледуваа низ прсти при сомнителни офсајд ситуации за гостите, а остануваа неми при очигледни фаули врз домашните играчи. Едноставно судењето беше пристрасно, фаворизирајќи ја гостинска Беласица и успеаа во голема мера и да ја уништат играта на теренот, пред се на домаќините. Бобан Атанасовски е “виновникот” што мрежата на ФК Каменица САСА остана мирна барем во првиот дел од натпреварот. Во листата на свои одбрани запиша неколку 100% шанси за гол на гостите, а во 38 минута од натпреварот го одбрани и непостоечкиот пенал за гостите.

Сепак вториот дел од натпреварот се одигра со сосема поинакво светло и ритам. Гостите уште во првите минути од вториот дел успеаа по една спорна ситуација од офсајд да постигнат водечки гол. Тука домаќините како да подзастанаа, гостите го искористија и следниот напад од убава полуконтра за сигурно водство од 0:2, а од корнер веќе во наредниот напрад го постигнаа и третиот гол. Фудбалерите на ФК Каменица САСА имаа неколку обиди да се вратат резултатски во игра, но и така малкуте изгледни шанси за гол, голгетерот на каменичката екипа, Зоран Златковски за жал не успеа да ги реализира.

Натпреварот заврши со високи 0:5. Уште еднаш ќе повториме дека и покрај вака високиот пораз на Саса, играч на натпреварот беше голманот на каменичани, Бобан Атанасовски. За тоа говори и фактот дека до крајот на натпреварот, со своите одбрани не престана да изнудува аплаузи од публиката која до крај остана да го следи натпреварот.
Со оваа победа на гостински терен, ФК Беласица се искачи на врвот на табелата од Втората фудбалска лига, а ФК Каменица САСА останува на дното од табелата заедно со ФК Осогогово од Кочани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *