Птичјиот грип пристигна во Македонија

Утврдено е присуство на високозаразна болест Авијарна инфлуенца, односно птичји грип тип АХ5Н8 кај живина во струшкото село Мороишта, информираше вчера директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски. Тој посочи дека вирусот е високо патоген кај живината, но не претставува зооноза и не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана по јавното здравје кај луѓето.

– Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен и е констатиран во лабораториските анализи на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со птичји грип и тоа во самото жариште да се уништи целокупната живина, нештетно да се отстрани и да се изврши комплетна дезинфекција, рече Поповски.

На терен се активни 30 тимови по 4 лица. Донесени се неколку мерки и прогласени две заштитини зони под надзор, каде согласно по правилникот на терен се уништува целокупната живина и производи од живина што биле во контакт. Поповски ги посочи високата смртност и пад на несивоста, како симптоми кај живината.

– Вирусот веќе од ноември 2016 година циркулира и е присутен во земјите од Европа. На вирусот му погодуваат ниски температури и го продолжуваат неговиот животен век до надворешна средина. Вирусот во фецес на температура од 4 степени може да опстои активен и до осум недели, додека во површински води на температура од 10 степени е активен од 100 до 120 дена. Значи дека сме во период на максимална активност на вирусот, рече Додовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *