Проф. Боце Митревски: Државата нема слух за меѓународните натпревари, освен за фотографирање (fakulteti.mk)

Сите тестови беа комбинација на содржини од физика, хемија и биологија, односно бараа интердисциплинарен пристап во разбирање на суштинските работи од природните науки. За сето тоа беше потребна и добра основа од математика, вели д-р Боце Митревски, еден од водачите на македонскиот олимпискиот тим на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа од 2 до 12 декември во Богота, Колумбија, кој воедно е и вонреден професор на ПМФ.

Македонските учесници се вратија од Јужна Америка со четири бронзени медали кои ги освоија учениците Искра Нечаковска од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“- Битола, Теона Ана Георгиевска и Михаил Шапчески од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје и Даниел Христов од СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип.
Тестовите се работеа и по четири часа
– На Олимпијадата учениците имаа три теста, со еден ден пауза меѓу нив. На првиот тест има 30 прашања со избор на одговорот, кој се работи 180 минути, вториот тест е теоретски со 4-6 обемни прашања (240 минути) и третиот тест е практичен испит во изведување три експерименти (240 минути). Патот до Олимпијадата води преку општински, регионални, државни натпревари, потоа два селекциони натпревари, три месеци подготовки и најтешкото – ако се обезбедат основните средства (пат и котизација), тогаш следува завршниот дел – учество на Олимпијада – раскажува Митревски.
Во Колумбија сите 46 тима, меѓу кои и македонскиот, беа прифатени одлично. Учениците имаа можност да се запознаат и да се дружат со врсници од многу земји од сите континенти, тоа е можност за воспоставување контакти за соработка, а ваквите настани се уникатни можности за претставување на земјата од каде што доаѓаат.
Важно е што создаваме јуниорска репрезентација
– Покрај учеството и постигнатиот успех, важно е што создаваме јуниорска репрезентација, а најважна е рефлексијата на сето тоа врз образованието и општеството. Народот сака да слушне успеси на групи и поединци на меѓународно ниво, добри, убави вести. Во светот на политиката, медиокритети, лаги и ветување, на народот му треба надеж дека оваа земја има потенцијал, подобра иднина – вели Митревски.
Посочува дека во светот се одржуваат стотици различни олимпијади, но поголем дел од нив се комерцијални настани. Министерството за образовани и наука на Македонија признава 14 олимпијади поврзани со наука и образование. Тоа, според професорот, го проучил некој во МОН, што е заслужно за почит.
– Дека е тешко да се освои медал на IJSO (Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки) кажува фактот што таму се наградуваат половина од учениците учесници. Вообичаено, најмногу златни и сребрени медали освојуваат ученици од Далечниот Исток (Индија, Јужна Кореја, Тајван, Хонгконг, Виетнам, Индонезија, Тајланд и други), потоа Русија, Унгарија, Романија, Бразил итн. Многу земји од ЕУ немаат некој забележителен резултат – вели Митревски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *