Потребна е редовна проверка. Ракот на дојката е втора причина по ред за смртност кај жените

Ракот на дојка е втора причина за смрт од малигните заболувања кај жените. Во месецот за борба против оваа болест, со проф. д-р Андреја Арсовски, торакален хирург и медицински директор на првата приватна општа болница „Ре-медика“, разговаравме за тоа зошто е битно навреме да се открие, како најдобро да се организираме за да се дијагностицира што побрзо, дали расте свесноста за заболувањето…

Последниве години сѐ повеќе се зборува за ракот на дојка и за тоа дека раното откривање значи излекување, а навремените прегледи нова шанса за живот на многу жени. Дали забележувате дека расте свеста за оваа болест?
– Да, мислам дека во тој дел треба да бидеме задоволни поради тоа што работите успеаја да се мрднат од мртва точка. Меѓутоа, има уште многу за работа. Сѐ уште општото здравствено образование на нашата популација не е на нивото што би сакале да го имаме, за што повеќе пациенти да се откриваат во најраните стадиуми на болеста. Од друга страна, едукацијата, изборот на професионалците што се занимаваат со патологија на дојка треба да е уште понасочен, со доквалификации, дообуки и сѐ построги принципи што се покажаа успешни во светот.Каков е вашиот став, на кои клучни точки треба најмногу да се работи за болеста да се открива што порано?
– Скрининг за рак на дојка и едукација, како паралелни активности. Но кога зборувам за скрининг мислам на скрининг по сите врвни принципи по кои треба да се реализира. Набавката на апарати е само еден дел од приказната. Но исклучително е битна едукацијата на кадарот што работи скрининг-мамографија, значи не само лекарите туку и техничарите. Еве, словенечкиот пример не е далеку од нас. Пред десетина години таму почнаа да воведуваат скрининг и до ден-денес тој многу успешно се работи само на три места во Словенија. Токму поради едукацијата на персоналот, која не е воопшто лесна. Работат радиолози специјално едуцирани за патологија на дојка со посебни обуки за скрининг. Скринингот мора да биде централно регулиран, значи раководен од навистина врвните професионалци што се занимаваат со проблематика на рак на дојка. Само таков скрининг може да доведе до успеси и симнување на стадиумот кога се открива карциномот.

Кога, во кој стадиум на болеста се открива кај нас овој рак?
– Иако немаме прецизни податоци за стадиумите во кои се открива, оние што ги имаме велат дека тоа е во 2б стадиум, што е незадоволително, особено за европски рамки. Би требало да го симнеме на 2а и, уште подобро, на 1б стадиум. Тоа што немаме податоци кажува дека ни е потребен и регистар за рак.

Мој впечаток како клиничар, кој не мора да е статистички релевантен, туку мој личен, е дека може да има мал напредок во тој дел. Но има и една многу негативна појава. Имено, кај пациентки што поминале некакви снимања и биле известени дека немаат ништо се покажало дека се направени на несоодветен начин. Има превидувања. Потоа пациентките спијат мирно мислејќи дека немаат ништо и доаѓаат на лекар откако самите ќе напипаат некој јазол, во подоцнежен стадиум на болеста.

Мој личен впечаток е дека имаме многу да работиме на подобрување на оваа целокупна активност, која не само што чини туку е многу сложена од медицински професионален аспект. Меѓутоа ефектите се многу исплатливи.

Зошто е значаен превентивниот преглед за рак на дојка?
– Раното откривање на ракот на дојка може да значи негово излекување. Превенцијата треба да е  дел од здравствената култура на секоја жена. Во „Ре-медика“ ракот се дијагностицира со најсовремена опрема и кога станува збор за мамографот и за ехо-апаратите. Но најбитната алка, или клучот кога станува збор за раното откривање, е умешноста на колешките-радиолози, д-р Наде Петановска и д-р Елизабета Бабушку, кои студиозно, по сите принципи, ги прават и ехо-прегледите и мамографиите, а и биопсиите, кога е потребно. Така се обрнува вистинско внимание на секоја промена. Кај нас се анализира и најмалку сомнителна лезија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *