Петиција во Делчево за најстрога казна на сограѓанинот кој изврши обљуба врз жена

Група граѓани од Делчево започнаа петиција против 24-годишно лице од Делчево кое изврши чин на обљуба врз жена, кој се случи минатата сабота. Тие ги повикаа граѓаните да ѝ се придружат на оваа иницијатива која се реализира на социјалните мрежи под мотото „Стоп за насилството врз жените.

На силувачот, од полицијата идентификуван како Б.Ј. (24) му е одреден 30-дневен притвор.

„Почитувани сограѓани на општина Делчево и сите граѓани на Република Северна Македонија. Веруваме дека сите колективно сме потресени и вознемирени од срамотниот напад врз жена во нејзината куќа што се случи во раните утрински часови на 31-ви октомври 2020 година. Веруваме дека оваа мала општина никогаш не доживеала таков чин на монструозност и човечка бруталност врз жена поради што ве повикуваме да се придружите на иницијативата со цел сторителот да ја добие заслужената казна, велат иницијаторите на петицијата,“ се вели во петицијата.

„Во Делчево не смееме да дозволиме криминални и болни умови да го нарушат мирот, да ја срушат самодовербата на жената, да предизвикаат стигматизација, негативна перцепција и други негативни појави кои ја дискриминираат жената во современото демократско општество, каде зборуваме за човекови права и слободи,“ велат делчевци.

Откако ќе бидат собрани потребните потписи, како што додаваат, ќе се пристапи кон нивно доставување до Народниот правобранител со цел преземање соодветни правни дејствија против сторителот, кој според нив е со богато кривично досие.

„Против сторителот, кој е со богато кривично досие и поради бруталноста на нападот, колективно бараме максимална казна за односното лице. Во наши цврсти верувања е дека ако сторителот добие друга шанса во општеството, ќе изврши слични или полоши злосторства и затоа бараме доживотна казна затвор,“ се вели во текстот на петицијата.

Претходно, со осуда за сторителот на делото, излегоа делчевскиот градоначалник, Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, како и голем број граѓански организации и здруженија од Делчево.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *