Отворена изложба на ликовните дела на Верче Андонова во Домот на култура

Македонска Каменица, 27.02.2020 година – Во организација на ЦПЛИП „Порака“ од Штип и поддршка од општина Македонска Каменица преку Програмата за работа на КИЦ “Романса”, денес во Домот на култура во 12 часот беше отворена изложба со дела од Верче Андонова.

Верче Андонова во својот емотивен говор пред присутните кажа дека оваа техника ја научила додека била штитеник на Домот за деца без родители во Скопје. При претставувањето рече дека е среќна бидејќи со оваа изложба успеала да докаже дека и лицата со попреченост умеат да творат и создаваат.

На нејзината прва изложба во Македонска Каменица, како и ицијатор за одржување на ликовната изложба, присуствуваше градоначалничката на општина Македонска Каменица Соња Стаменкова.
Во краткиот поздравен говор, Стаменкова ја нагласи постојаната поддршка и грижа на локалната самоуправа кон лицата со посебни потреби и личните заложби за поголема инклузија на оваа група граѓани во општествениот и културен живот во Македонска Каменица и државата.

Особена е радоста кога нашиот град е домаќин на вакви креативни уметници кои постојано творат и создаваат ликовни дела и пленат со својата креативност, додаде во обраќањето градоначалничката Стаменкова

Во знак на благодарност, претставници на ЦПЛП “Порака” – Македонска Каменица, Дневниот центар за лица со посебни потреби, КИЦ Романса и градоначалничката Соња Стаменкова, добија уметнички дела изработени од Верче Андонова.

Изложбата во Домот на култура, ќе биде отворена до крајот на месец март. Во тој период каменичани ќе можат да ја посетат и да уживаат во остварувањата на Верче Андонова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *