Општина Македонска Каменица испрати писмо со поддршка за италијанските Касине и Рикалдоне

Веќе неколку години општина Македонска Каменица остварува одлична соработка со италијански општини во кои живеат и работат поголем број Каменичани. Оваа соработка е поинтензивна со општините Касине и Рикалдоне, со кои веќе е потпишан и Меморандум за соработка. Имајќи во предвид дека овој период сите се погодени и се во беспоштедна битка со коронавирусот, меѓусебната помош, поддршка и размена на искуства е повеќе од потребна. Во таа насока, Соња Стаменкова – градоначалничка на општина Македонска Каменица упати писмо со поддршка до општините Касине и Рикалдоне, но и до цела Италија. Периодов кој следи ќе бидат разгледувани и можностите за меѓусебна помош и доставување на истата, како и согледување на бенефитите од различни мерки за заштита кои се преземени во двете држави, а се со цел полесно и побрзо справување со пандемијата и здравствено-економските последици од неа.

Во продолжение е интегралниот текст од Писмото со поддршка.

 

До братскиот народ од општините Рикалдоне и Касине и цела Италија

Почитувани пријатели,

Во мое лично име и во името на сите граѓани на општина Македонска Каменица Ви изразувам искрена поддршка во овие тешки моменти со кои е соочена Вашата општина, Вашата држава, но и светот воопшто. Ова се мачни и опасни времиња и ние граѓаните на Македонска Каменица се надеваме дека последиците од глобалниот предизвик на оваа вирална пандемија ќе бидат што помали. Со голема тага ја примаме веста за секоја нова жртва, но веруваме дека од ова ќе излеземе посилни, посовесни и посплотени.

Сега, секој треба да биде поодговорен, како спрема себе, така и спрема другите. Самодисциплината во овие моменти е најважна, а најмила е победата во најтешките битки како оваа, со COVID-19 вирусот. Ова е време кога мораме да ја одржиме духовната мудрост што повеќе, преку грижа за нашето физичко и ментално здравје.

Злото кое го снајде целиот свет не познава раса, религија, вера, боја на кожа и затоа треба сите заедно да опстоиме и да издржиме, меѓусебно да се охрабруваме и да си помагаме. 

Ја користам оваа прилика да Ви посакам што побрзо надминување на тешката ситуација, а веднаш потоа да го продлабочиме нашето пријателство, да ја унапредиме меѓусебната соработка, затоа што сега станавме навистина свесни дека пријателите во неволја се вистинските пријатели.

Срдечни поздрави,

 

Соња Стаменкова

Градоначалник на општина Македонска Каменица

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *