Од денес без маски на отворено, со публика на натпреварите и свадби до 100 гости

Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.

Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, кои вчера беа прифатени од Главниот координативен ковид-19 кризен штаб на Владата. Тие треба да важат од денеска. Владината прес-служба соопшти дека Штабот ги разгледал и потврдил препораките на Комисијата и ги предлага на конечно усвојување на денешната Владина седница.

Препораките се прифатени по исцрпна дискусија и имајќи ја предвид поволната епидемиолошка состојба со ковид-19 во државата сега, која се карактеризира со намалување на 14-дневна инциденца (бројот на новонастанати случаи) на позитивни случаи, намалување на позитивни тестови за ковид-19 во однос на вкупен број тестирани лица, намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.

За олабавување на сегашните рестриктивни мерки, предложени се седум препораки – укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.

Натаму, присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување растојание помеѓу посетителите од 1,5 – до 2 метра (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од ковид-19. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица.

Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив. Присуство на музичари е дозволено само при организирање свадби, а согласно соодветен протокол.

Натаму, се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата на масата, а се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина.

Продолжува да важи мерката за полициски час до 15 јуни 2021 година.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека епидемијата спласнува, но апелираше до граѓаните да останат внимателни.

– Маската е добар механизам. Се тргнува и забраната за групирање. Меѓутоа, добро е да се има предвид, да се има при рака, ако има групирање макар и надвор иако е топло, да може да користи. Истото тоа важи и за собирите дома, сите граѓани треба да се свесни дека имаме сега стабилна ситуација меѓутоа навистина никој не може да предвиди не само ние, туку каде било во светот како понатаму ќе се одвива понатаму епидемијата. Ние ги пратиме сите трендови кај нас во околните земји и така согласно тоа ги даваме препораките, додаде Филипче.

Во меѓувреме, Собранието на Северна Македонија се очекува од 8 јуни да го продолжи одржувањето на седниците во пленарната сала како пред пандемијата со ковид-19, доколку за тоа добие дозвола од Комисијата за заразни болести. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера имаше средба со претседателот и членовите на оваа Комисија.

– Имав средба со претседателот и претставниците на Комисијата за заразни болести кои што извршија контрола на салите и помошните простории, за да се констатира дали се исполнети сите услови Собранието да почне да ги одржува пленарните седници во Сала Македонија, со почитување на мерките за заштита од ковид-19, согласно новите препораки на Владата, откако службата, пратениците, обезбедувањето и другите секојдневно присутни во Собранието го завршија процесот на имунизација. Со верба дека законодавниот дом ги исполнува препорачаните услови за работа, ќе го очекуваме позитивниот одговор на Комисијата за заразни болести, напиша Џафери на Фејсбук.

Собранието своите пленарни седници од почетокот на пандемијата ги одржува во Салата со купола поради почитување на препораките за одржување дистанца, но во оваа сала нема систем за електронско гласање така што гласовите се бројат рачно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *