Новогодишни пакетчиња за најмладите од Рудник Саса и општина Македонска Каменица

Македонска Каменица, 31.12.2019 година – Рудникот за олово и цинк САСА обезбеди финансиска поддршка и во соработка со општина Македонска Каменица учествува во организација на сите активности за обележување на новогодишните празници.

Покрај доделените социјални пакети за 65 лица од ранливи категории, на заедничко дружење со градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова и менаџментот на САСА беа доделени и новогодишни подароци и пакетчиња на лицата со посебни потреби.

Дополнително, општината и САСА како општествено одговорна компанија им додели новогодишни пакетчиња на учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и детската градинка „Бамби“ во Македонска Каменица.

„Среќни сме што и оваа година, САСА како компанија има можност да го даде својот придонес и да помогне сите кои се дел од оваа заедница да ја почувствуваат топлината на новогодишните празници. Ова е период на дарување, а со доделените социјални пакети, подароци и пакетчиња досега реализиравме само дел од планираните активности со кои, во рамки на нашите можности, ќе ја завршиме годината во празничен дух. САСА одвојува значајно време и ресурси за реализација на проекти и активности во доменот на општествената одговорност, а тоа ќе продолжи и во годината која следи“, изјави Олег Телној, генерален директор на САСА.

Денес, во посета на детската градинка „Бамби“, основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица и подрачните одделенија во село Саса и Моштица, беше и градоначалничката Соња Стаменкова, која ја искористи приликата да им ја честита Новата 2020 година на сите дечиња и ученици со желби за здравје, среќа, успеси и детски насмевки во наредната година. Ја истакна благодарноста за соработката со Рудник Саса, преку која целокупната заедница е опфатена во пресрет на Новогодишните и Божични празници.

Исто така, покрај традиционалната прослава за вработените во Рудник САСА, компанијата и оваа година организира предновогодишно дружење и забава за сите граѓани на Македонска Каменица. Дополнително, претставници на рудникот во текот на новогодишните празници ќе ги посетат дежурните медицински, ТППЕ и полициски екипи во градот и ќе им поделат пригодни подароци.

Сите новогодишни активности САСА ги реализира во соработка со Општина Македонска Каменица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *