Новогодишни пакетчиња за децата и пакети за социјално ранливите граѓани од Рудник САСА

Новогодишни пакетчиња за децата и пакети за социјално ранливите граѓани од САСА

Македонска Каменица, 30.12.2021 – Во согласност со востановената традиција, рудникот САСА, преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој, и оваа година повторно обезбеди новогодишни подароци на сите деца во градинките и основните училишта во Македонска Каменица и населбата Саса. Дополнително, вкупно 132 социјално ранливи лица и семејства добија пакети со храна и средства за хигиена за да им помогнат во текот на празничниот период.

„Среќен сум што и оваа година продолжува традицијата на новогодишно дарување која и покрај предизвиците што ги создаде пандемијата, донесе радост кај децата и ќе им помогне на социјално ранливите семејства да ги дочекаат празниците во добро расположение. Сакам да искажам благодарност до САСА што го овозможи ова и уште еднаш покажа дека е компанија која се грижи и придонесува за благосостојбата на целата заедница“, рече градоначалникот на Македонска Каменица,  Димчо Атанасовски.

Во знак на благодарност САСА обезбеди новогодишни подароци и за екипите на итната медицинска помош, противпожарната бригада и полицијата во Македонска Каменица, како и на вработените во рудникот кои за новогодишната ноќ ќе бидат на работа. Дополнително, сите вработени во САСА, покрај редовната плата, се наградени со новогодишен додаток на плата и пригодни подароци.

„Со оваа традиција сакаме да овозможиме сите членови на нашата заедница и секако најмладите да ја почувствуваат радоста на претстојните празници. Воедно, сакаме на сите наши сограѓани да им ги честитаме претстојните празници и да им посакаме добро здравје, среќа и многу успех во годината што доаѓа. Како и секогаш, голема благодарност мора да упатиме до нашите посветени вработени кои се клучни во обезбедувањето успех за САСА и за сите нас“, изјави во оваа прилика директорот за одржливост во Рудник САСА, Ивица Талевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *