Нови препораки и мерки од Кризниот штаб на општина Македонска Каменица поради Коронавирусот

Почитувани сограѓани,

Со почеток од 15:30 часот, се одржа состанок на Кризниот штаб на општина Македонска Каменица за спречување и ширење на заразата со вирусот Ковид – 19.

На состанокот беше разгледана моменталната состојба предизвикана од појавата на Ковид – 19 во нашата држава. Исто така, од страна на МВР беше соопштена инфомацијата за бројот на лица во самоизолација на територијата на општина Македонска Каменица и моменталните прилики при спроведувањето на јавниот ред и мир во вонредни услови.

Во согласност со мерките и препораките на Влада на Република Северна Македонија, на состанокот беа донесени следниве препораки и заклучоци:

1. Преку службите на граничните премини, МВР да продолжи со комплетирање на списокот на повратници во земјава од странство кои се со постојано место на живеење во општина Македонска Каменица.

2. Во согласност со препораките од Владата, Државниот пазарен инспекторат и МВР да вршат редовни контроли за одредбите поврзани со работењето на трговските објекти, како во градската, така и во руралните средини.

3. Имајќи ги в предвид насоките од Владата, Кризниот штаб на општина Македонска Каменица донесе одлука до понеделник (23.03.2020) сите правни субјекти со соодветна логистика на територија на општината да достават листа на лични капацитети од аспект на механизација, опрема, просторен и човечки потенцијал во функција на поддршка на активностите во услови на вонредна состојба, поради корона вирусот.

4. Во зависност на потребите и насоките на делување на Општинскиот кризен штаб, помошно – техничкиот персонал во образовните установи и вработените во јавната администрација во општина Македонска Каменица да бидат времено ангажирани во активностите за заштита и спречување од зараза со Ковид – 19.

5. Апел до родителите на учениците кои не посетуваат настава, истите да бидат задржани во сопствените домови. Истиот апел се упатува до сите граѓани, со цел да се придржуваат кон последните мерки на Владата, со што сите заедно ќе помогнеме во спречувањето на  ширење на Коронавирусот.

6. Припадници на МВР да ги известат сопствениците на аптеки, маркети и поголеми продавници во општината дека се обврзани да воведат посебен режим на контрола на влез и престој во објектите.
Бројот на клинети внатре во објектот да биде ограничен според големината на објектот, а останатите да чекаат во редица со пристојно растојание од минимум 1,5 метри.

7. Согласно последните донесени мерки на 23 Седница на Владата, МВР се задолжува при секое поголемо собирање на граѓани во група од над 4 лица, истите да ги растерува.

8. ЈП „Камена Река“ во соработка со ТППЕ Македонска Каменица да продолжи со редовна дезинфекција на фрекфентните улици и јавни површини во градската и селските средини. Кон дезинфекција на јавните површини во училишните дворови и повеченаменски игралишта да се вклучат и образовните институции за основно и средно образование во општината.

9. Жителите во колективните станбени живеалишта се задолжуваат редовно да вршат дезинфекција на влезовите, заедничките простории, подруми и лифтови. За таа цел ЈП „Камена Река“ има обезбедено средство за дезинфекција кое граѓаните можат да го подигнат од јавното претпријатие веќе од утре.

10. Апел до граѓаните до колку забележат повратници од странство кои не ја почитуваат забраната за движење со 14 дневна изолација во домашни услови веднаш да пријават на телефонскиот број 192 на МВР или на 0800 00 201

11. Старите и изнемоштени лица над 60 годишна возраст, хронично болни лица и лицата со посебни потреби да ги користат услугите на мобилните тимови на општина Македонска Каменица, со повикување на телефонските броеви 078 651 089; 071 377 841; 078 416 528; 078 218 706.

12. Да продолжи информирањето на граѓаните преку локалните и регионални медиуми за мерките на Владата за заштита од Ковид – 19, како и броевите за контакт со Центарот за јавно здравје – Кочани и Штип, Мобилните тимови на општина Македонска Каменица, МВР и останатите надлежни служби за превенција и заштита од заразни болести.

На состанокот, присутните директори и раководители информираа за извршената дезинфекција на сите јавни локални установи и подрачни канцеларии во соработка со Центарот за јавно здравје – Кочани. Директорот на ЈП „Камена Река“ информираше за степенот на извршена дезинфекција во градската и селските средини, за кондицијата на механизацијата и човечките ресурси со кои располага претпријатието во моментот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *