НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ – КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ И ЗА КОИ ЗЕМЈИ ЌЕ ВАЖИ

ЕУ граница

Од 2020 година граѓаните од трети земји, кои не се дел од визниот режим, каде што спаѓаат државјаните на Македонија, БиХ, Црна Гора, Србија, но и Косово, ќе мора да бараат посебно одобрување за влез на територијата на ЕУ.

Шенгенскиот простор, за кој ќе важат новите правила, опфаќа 26 земји, меѓу кои и Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд и членките на ЕУ, освен Велика Британија, Ирска, Кипар, Романија, Бугарија и Хрватска.

Освен за државјаните на земјите од Западен Балкан, системот, меѓу другото, ќе се применува и за државјаните на САД, Австралија, Јапонија, Сингапур, Нов Зеланд…

Список со земји на кои ќе им треба ЕТИАС

Земји на кои им е потребен ЕТИАС

Тоа не претставува воведување визи на мала врата, туку поедноставување на процедурата, насочена кон тоа земјите-членки дополнително да се осигурат од безбедносен ризик.

Во принцип, влезот ќе им биде одобрен на сите што на одреден начин не ги прекршиле внатрешните правила на ЕУ или не претставуваат надворешна опасност за безбедноста на граѓаните на Унијата.

Овој нов систем е наречен Европски систем за информации и одобрување на патувањата – ЕТИАС, според примерот од процедурата на Електронскиот систем за патнички дозволи – ЕСТА, кој од 2009 година важи и во САД. Врз база на тоа, ќе се врши контрола на 39 милиони патници од шеесетина земји кои можат да влезат на територијата на ЕУ без виза. Според искуствата од САД, се одбиваат околу 0,1 проценти од барањата за влез.

За да се добие дозвола за влез, патниците за ЕУ ќе имаат обврска да пополнат електронски формулар кој содржи лични податоци, информации поврзани со патувањето и адресата на првата дестинација.

Се предвидува дека би требало да аплицирате за ЕТИАС најмалку 3 дена (72 часа) пред патувањето.

Системот влез/излез се проверува преку базата на Европската полициска служба – Европол и Интерпол, „за да се провери дали патниот документ е изгубен, украден или за тоа лице постои налог за апсење“, се наведува во образложението на предлогот за ЕТИАС.

На официјалната страница на ЕТИАС се забележува дека не се работи за воведување визи.

„Ова е електронско одобрување кое им дозволува на државите и на нивните државјани да патуваат во шенгенскиот простор. Разликата меѓу одобрувањето ЕТИАС и визата на ЕУ е во тоа што ова ново одобрение е всушност автоматизиран и централизиран процес на шенген-зоната, додека визата за ЕУ се обработува во секоја земја поединечно од страна на службениците за одобрување визи во секоја земја-членка. Овој систем е сличен со системот ЕСТА во САД или ЕТА во Канада“, стои во образложението.

Секој граѓанин од земјите со безвизен режим мора да има важечки ЕТИАС пред поаѓањето. По издавањето, важечките одобрувања му овозможуваат на носителот да остане на шенгенскиот простор во период од 90 дена, во кој било период од 180 дена, и важи 5 години од денот на издавањето или до истекот на важењето на пасошот (во зависност што прво ќе се случи).

Од лицата што бараат одобрување за патување во шенгенскиот простор, како што се наведува, можат да бидат побарани и дополнителни информации, а во исклучителни случаи и барање за разговор.

„Ако на барателот му се одбие барањето, ќе биде известен за причините за таквата одлука и ќе има право на жалба на истата, вклучувајќи и судско посредување“, стои во предлогот.

Список со земји на кои ќе им треба посебно одобрување

Земји со посебно одобрување

Предложено е процедурата да биде бесплатна за лица помлади од 18 и постари од 60 години, студенти, научници и членови на семејства на државјани на ЕУ.

Инаку, апликацијата ќе биде едноставна и брзо ќе може да се пополни онлајн. Пополнувањето би требало да трае до 10 минути и ќе чини 5 евра, стои на страницата.

Лицата на кои ќе им биде одбиен влезот во ЕУ истовремено ќе добијат и информација за нивните права, како и предвидената правна постапка.

Членовите на Комисијата за граѓански слободи, правосудство и внатрешни работи на Европскиот парламент во четвртокот го усвоија нацртот на новата европска регулатива, со што се овозможи да почнат преговорите меѓу ЕП и ресорните министри на земјите-членки во правец на усогласување на конечниот документ.

Оваа мерка стана неопходна во ситуација кога ЕУ сè повеќе се соочува со безбедносни ризици, терористички напади, но и со мигрантската криза.

Европската комисија даде до знаење дека сега постојат 60 земји чии граѓани немаат потреба од виза за влез во ЕУ, а се очекува до 2020 година шенгенските граници да ги поминат 39 милиони странци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *