НЕРАБОТНА НЕДЕЛА: Победа за многу работници

Од Здружението „Гласен Текстилец“ од Штип се презадоволни откако е најавено дека неделата ќе биде неработен ден во земјава.

Кристина Апмева од „Гласен Текстилец“ вели дека ова го барале со години, но во јануари годинава, Мила Царовска која беше министер за труд и социјална политика, ветила дека барањето ќе се реализира.

„Јас сум пресреќна и ова ќе им одговара на текстилните работници, на градежниците, на вработените во маркетите, моловите. Ова е добро со оглед на тоа што 30 години никој не водел сметка за работниците, ни синдикатите, ни институциите. Луѓето реагираат на социјалните мрежи дека не сакаат да работат ниту во сабота, но не можеме да бараме преку леб почага. Ние имавме повеќе барања, а следно е евидентирање на работното време. Во истражување кое го направивме, 70 отсто од работниците кажаа дека секоја сабота ја работат, а не им е евидентирана, ниту платена“, рече Ампева.

 

 

Маријана Перковска пак од Текстилниот кластер објаснува дека во текстилот, многу фирми не работат во недела. Таа вели дека ако веќе се носи една ваква мерка, тоа треба да важи за сите, со тоа што во неделата нема да работат рестораните, кафулињата, маркетите, трговските центри, а доколку некој мора да работи тој ден да биде платен соодветно.

„Дај боже да имаме работа, а не да пропаѓаме како држава. Кога работниците доаѓаат на разговор, се кажуваат условите, платата, и се потпишува договор. Двете страни го прифаќаат тој договор, инаку тој може да се раскине“, рече таа.

Перковска додава дека на Запад повеќето наши гастербајтери работат по 10 или 12 часа на ден.

Сојузот на синдикатите на Македонија ја поздрави одлуката недела да биде неработен ден.

Од балканските земји неодамна Словенија донесе одлука продавниците да не работат во недела.

Сања Атанасовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *