14 јуни 2017 | kamenica.mk
Било многу одамна, поминале 6 децении, откако првата генерација матуранти од беровската гимназија заполовила во животот. Но, спомените останале како да било вчера нивното другарување, нивните маки во ученичките клупи, првите љубови. Па, на генерациската средба со која на едно место во центарот на Берово се собраа првите три генерации матуранти од беровската гимназија, со секој поглед и насмевка, со секоја споделена прегратка со стариот другар со кого не се виделе со децении, се измеша сегашноста и минатото.
Средбата е несекојдневна. Од секаде се слушаа гласови, смеа и довикувања, но и видлива беше и по некоја солза на старите и избрчкани лица за другарите кои не се веќе меѓу нив. Од вкупно двестотините матуранти во првите три генерации, на средбата дојдоа едвај дваесетина. Но и тие беа доволни за да го споделат со нас нивното време, времето на овие луѓе, сега старци кои пловат во длабоката старост на 8-та деценија од животот и кои се претставници на првите генерации интелектуалци кои ја пишувале повоената историја на општините од крајниот исток.
Генерациски средби секоја година
Милутин Рајковски, матурант од втората генерација матуранти која завршила со средното образование во 1957/58 година, по втор пат е организатор на заедничката средба. Тој живее во Берово и вели дека останале уште многу малку од нивната генерација, па затоа се одлучиле да се соберат заедно првите три генерации матуранти кои ја започнале традицијата на среднишколското образование во Берово, но и пошироко во регионот.
– Слабо се организираме и слабо веќе имаме луѓе, затоа и одлучивме,вака да се собираме. Бидејќи јас сум еден од ретките кои останале да живеат во Берово, јас сум и организатор на овие средби. Лани беше првата, а годинава втората средба на трите генерации матуранти. Се одлучивме да се собираме трите први генерации, бидејќи ние го започнавме овде во Берово средношколското образвание и бевме гимназиска насока. Потоа, четвртата генерација веќе беше еконосмка насока. Годините нѐ газат, и секоја година сме се помалку. Дај боже да ја дочекаме и третата средба, наредната година. За жал, најмалку има претставници од првата генерација матуранти која треба годинава да слави и јубилеј 60 години матура. Овие средби нѐ враќаат во младоста и значат продолжување на животот, вели Рајковски.
Првата генерација матуранти во беровската гимназија
Од првата генерација матуранти, кои годинава прослави 60 години од матурирањето, на генерациската средба дојдоа само двајца претставници, Атанас Василевски и Благоја Вакански. На први септември 1953 година, тие седнале во гимназиските клупи во првата гимназија на крајниот исток. Спред старите ученици, гимназијата го носела името „Моша Пијаде“, но според некои пишани податоци, првото име на гимназијата било „Страшо Пинџур“, а подоцна во 1956/57 преимунвано во „Моша Пијаде“ кога се отвора и економската насока.
Од гимназиските клупи, по матурирањето Атанас и Благоја заполовиле во животот. Атанас заминал на факултет во Скопје, а потоа на работа како професор по македонски јазик во Гостивар, додека Благој по завршувањето на факултетот за хемија, останал во Берово.
Благој Вакански ни раскажува дека првата генерација била конгломерат на генерации родени од 1935 до 1940 година.
-Во првата генерација имаше запишани 210 ученика, а матурирале само 80 ученици. Во тоа време имаше еден строг критериум на образование која на ниво на република важеше за една од поквалитетните гимназии. Учениците, сите кои завршија, беа кадар и за општините од регионот, но во 1953 година на први септември, гимназијата во најисточниот дел на Македонија, за мене е најголема инвестиција во овој крај, бидејќи даде генерации кои беа носители на општествениот, културниот, спортскиот живот во Македонија, истакна Вакански.
Атанас полни 80 години, а е родум од селото Чифлик, а денес живее во Скопје.
-Сега имам 80 години. Од првата генерација сум, сакам да се дружиме, да имаме почести видувања, кафе муабети, на тој начин оживуваме некои моменти од младоста од ученичките денови како генерација која живеела во посебни околности и посебни социјални услови, а тоа што многу е променето не само системот, туку и целокупниот живот, општењето од генерација до генерација, бидејќи патријархалното е веќе изгубено, а се прифаќа она што го рекламира телевизијата и другите медиуми, носталгично зборува Василевски.
Беровската гимназија била 4-та отворена по Втората светска војна во Источна Македонија. Овде учеле ученици од целиот регион и од Виница и од Струмица, но и од Делчево. Новица Такев, ученик од третата генерација во беровската гимназија, раскажува дека во Берово учеле триесетина ученици кои доаѓале од Делчево.
– Во Делчево во тоа време немаше гимназија, а кога во Берово се отвори, јас се префрлив во Берово. Завршив во 1959-та година. Ние многу другарувавме, имавме многу матинеа, организиравме приредби, имаше и драмска секција, па подготвуваме многу тетарски претстави. Во 1958 година играв во првата комедија „Свекрва“, псотавена од професорката Вера Зографска-Готовска, ја играв улогата на свекор,потоа драмата „На своето тело господар“, го играв таткото.Понатаму се редеа уште многу драмски претстави кои ги работевме со многу ентузијазам. Ние овде во Берово ги удривме темелите на драмскиот аматеризам кој за жал, денес нема некој голем напредок во сите овие мали општини, многу малку се негува драмскиот аматеризам, рече Такев.
Деса Каракутовска, наставник во пензија била дел од драмските поставки во училиштето. Со многу емоции се сеќава на нивните настапи.
-Тоа беа убави времиња. Работевме со многу љубов , со почит и многу сериозно си ја сфаќавме секоја обврска. А, денеска, јас сум пресреќна што можам да се видам со школските другари со кои делевме и добро и лошо, но за жал, многумина нема. Денес на овој ден ќе живееме од спомените, рече Каракутовска.
Класниот раководител дојде на генерациската средба
Во својата 9-та деценија од животот, со бастун и треперливи раце, но гордо исправен и со широка насмевка, дојде повторно кај своите ученици единствениот жив професор од првиот состав на професори, Димитар Рунтевски. Стариот професор се прегрна со сите свои ученици и полека седнувајќи, знаеше со бастунот да покаже кон некој од старите матуранти за да го запраша за животот или да слушне за некој ученик кој не е на средбата. За него ова се учениците со кои тој ја започнал професорската кариера и на кои прв пат бил класен раководител.
– Јас сум професор по физика и со мојата диплома на први септември 1953 година се отвори гимназијата. Тие ми се генерација, кај што сум бил прв класен раководител, само јас сум уште жив од тие колеги кои ја формираа гимназијата. Јас сум горд на нив што еве не ме заборавиле и што ме канат на нивните средби. Горд сум и што од моите ученици излезе многу учен кадар, имаме професори, доктори на наука во целиот свет,во Сорбона, во Австралија, секаде се моите ученици успешни луѓе, раскажува Рунтевски.
Со спомените од далечното време кога се калеше првата интелегенција на Истокот по војната, двесетина стари матуранти, како во школските денови, со многу прегратки и насмевки и еден по друг, заминаа да ја прослават матурата во еден од беровските ресторани. Нивниот завет останува- и догодина да се соберат сите повторно во Берово.
Старата гимназијата темел на денешниот средношколски училишен центар во Малешевијата
Во монографијата издадена во 2004 година и по повод 50-годишниот јубилеј од формирањето на единственото средно училиште во Малешевијата од професорката Вера Зографска-Готовска, има интересни податоци за почетоците со работа на ова училиште, посебно за драмскиот аматеризам чиј зародиш го дава ова училиште под нејзино менторство, но и за рецитаторството.
Во учебната 1953/54 година се отвора беровската гимназија каде се запишувале ученици родени 1938 година од целиот регион, но кон неа се приклучиле и оние кои од една или друга причина изостанале од редовното образование. Љубовта за образование се огледувала и во изградбата на училишната зграда, бидејќи населението со доброволна работна рака и доброволен прилог на материјали за градбата во многу кус период ја градат училишната зграда од двата спрата со девет училници и фискултурната сала, канцелариите и помошните простории. Имало шест паралелки запишани во петти клас во учебната 1953/54 година. Во учебната 1956/57 година се отвора економска насока која постоела сѐ до 1965 година низ која поминале шест генерации со завршена економска насока. Во 1960/61 година се отвора повторно гимназиско образованиение и оттогаш отпочнува работата на гимназијата „Ацо Рсковски“која денес е центар на средношколското образование во Малешевијата. СОУ „Ацо Русковски“ од 1998 година има нов објект и нови современи простории и услови за работа, но зградата на старата гимназија со стариот дрворед и широкиот двор и понатаму ја раскажува приказната за едно време, за првите ученици и нивните професори кои го калеа образовниот систем во Малешевијата и регионот.
Даниела Такева