Колумна на Проф. д-р Митревски: Вложете и во овие таленти, трошките што им ги фрлате се нула

Доха, Катар, 12.12.2019 (1:30)

Автор: Проф. д-р Боце Митревски, координатор за IJSO и поранешен претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, од 2015 до 2019 и еден од водачите на тимот во Доха, Катар

Колумната во целост е преземена од www.deca.mk

Другата страна на медалот (за системот, институциите, раководни луѓе што биле порано, сега и во иднина)

Секое чудо за три дена. Така и оваа информација за успехот на јуниорите од Македонија на 16. Меѓународна олимпијада по природни науки што се одржа во Доха, Катар, од 3 до 12 декември 2019, ќе ја однесе ветерот. Петте медали на младите таленти од Македонија во конкуренција на 70 земји ќе бидат само парче метал, а институциите управувани преку раководните луѓе ќе се вратат на политика, избори, административни обврски, и ништо повеќе освен одржување континуитет и стабилност.

Проф. Митревски со тимот кој освои две сребра и три бронзи

Во тие медали има суштина. Во лицата на овие шест деца треба да препознаете идеја. Тие се репрезентативен примерок на генерации ученици што учествуваат на натпревари по физика, хемија, биологија, кои решаваат проблеми, критички размислуваат, кои се креативни, донесуваат одлуки, кои заедно со нивните наставници и со поддршка од родителите го балансираат образованието на потребното ниво. Тие се пример и за други ученици, ученици повеќе од одлични во математика, информатика, роботика, географија, уметности, јазици… Тие и нивните наставници не сакаат да ги навредувате со нефункционални и промашени проекти како компјутер за секое дете, електронски дневник, наметнување систем како Кембриџ, ригидност и нетолерантност кон нивните потреби, безвредни обуки организирани од Бирото за развој на образованието, некомпетентни лица да вршат евалуација на нивната работа. Олабавете со вашите привилегии, бодови, бонуси, патни трошоци, дневници, репрезентации, службени возила. Вложете и во овие таленти, трошките што им ги фрлате се нула.

Тие ученици имаат потреба од лаборатории, опрема за изведување вежби и мерења, потрошен материјал за тие лаборатории, наставници кои континуирано посетуваат обуки, пари за котизација, авионски билети, солидна подготовка за меѓународни натпревари. Едноставно разбирање, поддршка и помош.

Се плашите од тоа што неколку здруженија кои влечат напред, кон прогрес и успех ве засенуваат и претставуваат ризик за некои нефункционални институции што се дел од системот. Се плашите бидејќи таму се здружиле луѓе кои не се корумпирани, не подлежат на конформизам и не трпат импровизации. Ве плаши тоа што тие здруженија со скромни средства и услови или со трошките што им ги фрлате постигнуваат резултати достојни за почит. А најмногу ве плаши тоа што нивниот глас има вредност. Знаете дека тие здруженија се ваши пријатели, а од нивните усти вие не сакате лоши зборови за вас, затоа што тоа погодува повеќе од зборовите и лагите на вашите непријатели.
На оваа реалност опишана во зборовите погоре гледате како предност за вас бидејќи сите таленти заминаа надвор. Тоа за нас и за нив е неправда. А за вас, за општеството и системот, пораз поголем и од вашата слабост.
Затоа е важна идејата, суштината, тоа се сјајот и пораката од медалите на овие ученици. Огледајте се на нивната чесност, скромност и насмевка.

Автор: Проф. д-р Боце Митревски, координатор за IJSO и поранешен претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, од 2015 до 2019 и еден од водачите на тимот во Доха, Катар

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *