Изведба на театарската претстава за деца “Зелениковци” во Домот на култура во Виница

Утре, вторник 14. Март, во Домот на култура “Тошо Арсов” во Виница ќе биде изведена театарската претстава за деца “Зелениковци”. Претставата продуцирана од независниот театар “Провокација” од Скопје ќе биде изведена во три термини: 10:00 часот, 11:30 часот и 12:30 часот.

Станува збор за едукативно-еколошка интерактивна претстава за најмалата публика, работена во режија на Роберт Ристов. Улогите ги толкуваат Мирјана Ристов , Роберт Ристов, Изабела Јакимова, Радо Алексовски. Цената на влезниот билет е 100 ден.

 

 

“Зелениковци” е продуцирана од независниот Театар Провокација од Скопје, формиран во Јануари 2019 година од страна на Роберт и Мирјана Ристови.

Една од главните мисии, а воедно и практика на театарот, е организирање на претстави во внатрешноста на Македонија, со што активно учествуваат во процесот на децентрализацијата на културата и уметноста.

Она што овој театар го прави поразличен од другите е практиката да ангажира и промовира млади талентирани актери. Им дава шанса да бидат видени и да се докажат пред јавноста во претставите на Театар Провокација. Претставите за најмладата публика, се сегмент на кои овој тетар посветува посебно внимание. Театарот на годишно ниво, продуцира по една до две вечерни претстави и две претстави за деца.

 

 

– Во годинава во која предничиме по степен на загаденост пред останатите земји, повеќе од алармантно и неопходно е да преземеме чекори со кои треба да ја подигнеме свеста на граѓаните. Токму затоа, како театар чии членови со години се бават со продукција на театарски претстави за најмалите, сметаме дека е потребно активно да делуваме во процесот на подигнувањето на свеста кај најмладите, и со тоа активно да учествуваме во подигањето на свеста за потребата од чист воздух и чиста животна средина, – велат од театар Провокација за едукативната претстава Зелениковци, од каде дополнуваат дека “Делувањето врз децата е од особено значење токму заради навремена едукација која би ги поттикнала добрите еколошки навики кај децата, а со самото тоа и созадавање на нови генерации кои ќе ги негуваат вистинските вредности со што свесно и совесно би се однесувале кон животната средина”.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *