„Зоки Поки“ ќе оживее во играна серија

Режисерот Александар Поповски ќе ја снима играната серија во неколку епизоди, а Агенцијата за филм ќе ја финансира со 19 милиони денари (308.943 евра)

Култната детска книга што со децении се чита во прво одделение – „Зоки Поки“ од Оливера Николова ќе стане играна серија. Агенцијата за филм го поддржа снимањето на оваа серија со 19 милиони денари (околу 308.943 евра). Серијата ќе ја сними продукцијата „Кино око“, а ќе ја режира Александар Поповски. Лектирата „Зоки Поки“ е напишана пред 55 години.
Управниот одбор на Агенцијата го поддржа и снимањето на документарните серии: „Европски приказни“ во режија на Марко Ѓоковиќ и „Динамиката на македонската демократија 2006-2016“ на група режисери (Марко Ѓоковиќ, Лидија Мојсовска, Сашко Потер Мицевски) на „ОХО продукција“.
„Зоки Поки“ беше меѓу кандидатите што учествуваа на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за поддршка на производство на други аудио-визуелни дела (играна и документарна серија) на конкурсот објавен на 27 декември 2017 година.
Конкурсот беше отворен и за други проекти од национален интерес во филмската дејност (едукативни програми и програми за развој и унапредување на филмската култура и кинематографија и поддршка за членство на Македонија во меѓународни филмски организации).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *