Зимска краткодневица: од денеска сѐ повеќе дневна светлина

Синоќа настана зимската краткодневица, односно моментот кога Сонцето во своето привидно движење стигнува до својата најјужна точка. Зимата официјално почна, што значи дека од денеска северната хемисфера ќе има подолги денови и денови со повеќе дневна светлина. Минатата ноќ на северната Земјина хемисфера беше најдолга, а денот најкраток.

По краткодневицата, деновите ќе стануваат сѐ подолги, така што до крајот на годинава зајдисонцето ќе се помести и ќе има пет минути повеќе дневна светлина.

Што е зимска краткодневица?

Датумот на зимската краткодневица, сонцестој или солистициј, најкраткиот ден во годината на северната хемисфера, обично се совпаѓа со првиот ден од зимата. Но датумот на зимската краткодневица може да варира од 20 до 23 декември. Зимската краткодневица означува голема годишна пресвртница, астрономски почеток на зимата и премин во период кога деновите стануваат подолги и посветли, а ноќите се пократки.

Терминот солистициј доаѓа од латинскиот solstitium, што значи „мирување на сонцето“. Зимскиот солистициј е настан што го празнувале древните народи, но во исто време феноменот ги плашел. Поради краткиот ден во многу древни култури, 21 декември се славел како ден на смртта и повторното раѓање на божествата што ја симболизирале плодноста, светлината и Сонцето.

Повеќето луѓе го сметаат целиот ден како декемвриска краткодневица. Сепак, краткодневицата всушност е во одреден момент – кога Сонцето е точно над Јужниот повратник, замислената кружница на најјужната географска должина на Земјата.

Иако вчера на северната хемисфера беше најкраткиот ден, ситуацијата е сосема поинаква на јужната хемисфера, каде што живеат само десет отсто од светската популација. Таму декемвриската краткодневица го означува најдолгиот ден во годината и почетокот на летото. Сите оние што живеат во Арктичкиот круг за време на сонцестојот нема ни да го видат Сонцето бидејќи кај нив сега владее поларната ноќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *