Земјоделците од Македонска Каменица добија агрометеоролошка станица

Во кругот на Општинското основно училиште “Св. Кирил и Методиј” во село Цера денеска беше инсталирана првата агрометеоролошка станица, која на земјоделците од општина Македонска Каменица ќе им обезбедува податоци во реално време за актуелната временска состојба и за климатските промени.

Се работи за проект на Центарот за развој на Источниот плански регион со кој е предвидено исти станици да бидат поставени во сите 11 општини од регионот, а за што се обезбедени 2,16 милиони денари од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа.

Поставувањето на агрометеоролошките станици обезбедува информации за земјоделците за навремена заштита на земјоделските култури од атмосферските влијанија, како и планирање на сите агротехнички мерки што треба да се преземат во одреден период од годината. Уредите ќе мерат температура и влажност на воздухот, брзина и правец на ветерот, количината на врнежи, соларната радијација, влажноста на листовите на растенијата, како и температурата и влажноста на почвата. Ќе се изработи и веб платформа преку која земјоделците ќе добиваат информации за можната појава на болести кај растенијата под влијание на временските услови, истакна Александар Николов од Центарот за развој на Источниот плански регион.

До крајот на август ќе се инсталира по една станица во сите општини од источниот регион, по што ќе се спроведе информативна кампања меѓу населението и ќе се изработи пропаганден материјал за начинот на користење на јавно достапните податоци од мерењата.

Податоците од агрометеоролошката станица, преку бесплатна апликација на мобилен телефон или компјутер, ќе им бидат достапни и на сите граѓани, а новитет е што ќе се изготвуваат модели на биометеоролошките услови, кои врз основа на измерените параметри ќе даваат прогноза за појава и интензитет на полен, мигрена и ревма.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *