ЗАПОЧНУВА ФУДБАЛСКОТО ЛУДИЛО – КАТАР 2022

Денеска со свеченото отворање (15:45 ч) и првиот меч (17:00 ч) меѓу Катар и Еквадор, почнува 22. СП во фудбал. Почнува шоуто наречено Катар 2022. Ова ќе биде најконтроверзниот Мундијал, единствен кој ќе биде во зима, посебен зошто нема да се точи алкохол, и запаметен како Мундијал на кој ќе им биде последен на Меси, Роналдо, Модриќ и на уште неколкумина.
 Натпреварот со кој се отвора Мундијалот ќе го суди 46-годишниот италијански судија Даниеле Орсато. Натпреварот на стадионот Ал Бајт со капацитет од 60.000 седишта е закажан за 17 часот.
На еден од најголемите спортски настани во светот ќе се натпреваруваат вкупно 32 репрезентации и тоа од 20 ноември до 18 декември.
Домаќинот кој организацијата ја доби пред цели 12 години како најмала земја организатор вели дека се е подготвена за спектаклот.
Организаторите предвидуваат дека во Катар ќе пристигнат повеќе од еден милион навивачи, а се наведува дека досега се продадени 2,9 милиони од 3,1 милион билети.
Титулата светски првак ја брани Франција која пред четири години во финалето во Москва ја совлада Хрватска со 4-2.
Бразил е рекордер со пет шампионски титули, но „Селекао“ ја чека круната од 2002 година и првенствата во Јужна Кореја и Јапонија.
Извор: Сител.Мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *