Епидемија на заразна жолтица во Кочани. Најголемиот број заболени се ученици

Епидемија на заразна жолтица во Кочани прогласи Центарот за јавно здравје, откако бројката на заболени се искачи на  повеќе од 20. Најголемиот број заболени се ученици од две основни училишта од градот.

Дел од пациентите со полесни симптоми се  пуштени на домашно лекување, додека посериозните случаи се лекуваат во Клиничката болница во Штип. Во моментов, овде се сместени  10 пациенти. Од нив 9 се од 5-11 години, а еден е 30 годишен. Досега овде биле лекувани и друго 8 пациенти.

Првите случаи на забоолени од хепатит А се регистрирани на крајот од септември , кога болеста е потврдена кај шест пациенти.

„Во текот на последната недела дојде до забележителен пораст на бројот на заразени со хепатит А. Меѓу заболените има и повозрасни лица, иако главно се работи за ученици од основно образование, за што на родителите им посочуваме дека е потребна поголема грижа за личната хигиена на нивните деца“, истакна Горан Николов, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Кочани.

Во училиштата во кои е регистрирана заразата се прави засилена дезинфекција, при што скратени се и часовите за да може таа да биде на пократок временски рок. Дополнително, во сите образовни установи е поделен едукативен материјал за правилното миење раце со сапун за да се спречи контактното ширење на инфекцијата.

Хепатитот А уште е познат и како болест на нечисти раце и главно се јавува во средини каде хигиенските навики се на ниско ниво или  во места каде има голема концентрација на деца како градинки и училишта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *