Екипата на ФК Каменица САСА комплетно ја надигра штипска Брегалница

Фудбалерите на ФК Каменица Саса одиграа одлично во натпреварот од 4-то коло до ВМФЛ-Исток и го клекнаа на колена лидерот на табелата ФК Брегалница Штип. Пред повеќе од 700 присутни на Градскиот Стадион во Македонска Каменица, фудбалерите на ФК Каменица Саса влегоа силно мотивирани во натпреварот со “Штипјани” и го одиграа можеби најдобриот натпревар во сезоната.

Првата шанса на натпреварот сепак ја имаше Брегалница Штип, која од слободен удар се обиде да го отвори резултатот. Прецизниот удар на гостите успеа да го скроти Дејан Силјановски со прекрасна парада. Во 32-та минута од натпреварот ФК Каменица Саса поведе со голот на Ненад Нешовски кој го искористи киксот на гостинскиот одбранбен фудбалер и стрелаше прецизно и во манир на голем стрелец во долниот лев агол од голот на Брегалница Штип. Голманот на Брегалница Штип немаше друга алтернатива освен да ја извади топката од мрежата. На воодушевување на публиката ФК Каменица Саса поведе со 1:0.

Во второто полувреме, гостите заиграа малку поангажирано, но без конкретни шанси. Се што понудија гостите беа полушанси. Eдна таква полушанса ја крунисаа и со гол во 52-та минута од натпреварот. Брегалница Штип имаше пробив по десната страна, топката се одби од Миленковски, влезе во 16-тникот, на неа тргнаа и Стојановски и Силјановски, кои не се разбраа најдобро меѓусебе а тоа го искористија гостите и со гол со глава израмнија на 1:1. И кога сите помислија дека “Рударите” ќе паднат, на сцена излезе “новото лице” на тимот. Наместо да поткленат, тие брзо се опоравија од голот и покажаа невиден карактер. Почнаа да напаѓаат од сите страни, желбата за победа им вбризга нов елан во нозете, па така во 69 минута по добар продор од десната страна Ненад Нешовски шутираше од 10-тина метри под пречката а гостинскиот одбранбен фудбалер со глава спаси сигурен гол и топката излезе во корнер. Но, корнерот не се изведе бидејќи главниот судија досуди гол-аут.

Една минута подоцна, прекрасна соло-акција на Ненад Нешовски по десната страна, исфрли од игра двајца противнички играчи, беше под прекршок во 16-тникот, но успеа да шутира, топката се одби од противничките играч и пак заврши во Нешовски кој со прекрасен пас го проигра Златковски, кој стрелаше во долниот лев агол за 2:1.

Натпреварот продолжи со иницијатива на “Штипјани” но без посериозна шанса. И кога сите ги видоа 3 бода во Македонска Каменица, по едно невнимание од корнер, ФК Брегалница Штип израмни на 2:2, што беше и конечен резултат.

До крајот, судијата покажа и еден црвен картон, односно два жолти за 15 секунди и тоа на капитенот на ФК Каменица Саса, првиот заради влечење, а вториот, затоа што капитенот на домаќините сакаше да ја врати топката на гостите поназад за изведување на прекршок.

Се на се одлична фудбалска претстава на Градскиот Стадион во Македонска Каменица. ФК Каменица покажа дека со ваква игра може да победи било кој противник, но се чини дека е потребна поголема концентрација во последните моменти од натпреварите, како и на почетокот на полувремињата.

*Текстот во целост е преземен од официјалната  веб страна на ФК Каменица САСА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *