Дали пандемијата на коронавирусот ги прави децата интровертни?

Пандемијата на коронавирусот ни влијаеше физички и емоционално, без разлика дали се работи за деца или возрасни. Карантинот и затворањето на државите за сите беа голема транзиција, која од луѓето бараше приспособување на повисоко ниво. Тоа таканаречено приспособување, всушност, по дефиниција е стрес.

Кај децата, неизвесноста, социјалната изолација, недостигот на интеракција со врсниците и немањето активности на отворено – доведоа до иритација, здодевност, анксиозност, депресија, стрес, страв, загриженост и други негативни чувства. Друга поента од целокупната дебата на оваа тема е дали карактерот (интроверт/екстроверт) влијае врз тоа како децата се справуваат со оваа пандемија или токму пандемијата ги прави децата интровертни?

Голема збунетост постои околу интровертноста и екстровертноста. Што е за некого стимулирачко како спротивност од исцрпувачко – во тоа лежи разликата. Екстровертите имаат потреба од други луѓе и комуникација за да добијат енергија. Самотијата лесно прераснува во осаменост за нив. Интровертите, пак, се спротивни. Тие имаат потреба да бидат сами, или со неколку лица што добро ги познаваат за да си ги наполнат батериите.

Ако родителите се под стрес и вознемирени, децата покажуваат уште посериозни реакции

На почетокот од пандемијата многумина веруваа дека интровертите ќе немаат големи последици од ситуацијата токму поради нивната карактерна природа. Но, неодамнешна студија, која испитала над 1.000 возрасни Американци, го посочува спротивното. Се открило дека оние што имале повисоки вредности во однос на нивото на екстровертност помалку страдале од проблеми со менталното здравје. Експертите тоа го припишуваат на позитивните емоции кај екстровертите, оптимизмот и отпорноста, додека интровертните луѓе повеќе се поврзуваат со нервоза и страв.

За децата, целиот проблем е покомплициран. Со недостигот на врсничка интеракција, немање активности на отворено или, пак, физичка активност, поминување време пред екрани и нарушени дневни рутини, децата не можат да ја ослободат својата енергија и тоа ги погодува и на емоционално ниво, без разлика на возраста и карактерот.

Второ, децата секогаш се угледуваат на своите родители во однос на барањето решенија, па така ако родителите се под стрес и вознемирени, децата покажуваат уште посериозни реакции. Експертите дебатираат околу тоа дека таквите ситуации може да им влијаат на ектровертните деца повеќе, правејќи ги ранливи, а како последица на тоа и поагресивни или интровертни. Сепак – и интровертните деца се соочуваат со еднакви тешкотии.

Препорачани стратегии за справување

Секое семејство е уникатно и има свој начин на справување со стресот. Но, следејќи ги следните едноставни стратегии, ќе успеете да одржувате добро ментално здравје:

– Обидете се да одржите нормалност колку што можете – семејни оброци, рутина за заспивање и будење, вежбање, облекување пред започнување со работа/училишни задачи и слично.

– Родителите треба да бидат смирени и трпеливи со децата. Избувнувањето и покажувањето лутина и фрустрација може да ги влоши работите. За време на стресни ситуации медитацијата е од голема помош.

– Семејствата се охрабруваат да го користат ова време за да си ги зајакнат односите. Едноставни активности како играње друштвени игри, гледање филмови, читање инспиративни приказни, заедничко подготвување оброци, пеење, играње и слушање музика, се активности кои ќе го одржат позитивното расположение.

– Одговорете на прашањата на децата на јазик соодветен за нивната возраст и развој. Стравот и неизвесноста треба да му бидат објаснети на детето во позитивна смисла.

– Се препорачува семејствата да ги одржуваат своите социјални контакти преку телефонски/видеоповици, разговор со пријателите и останатите членови од поширокото семејство.

– Ограничете го времето поминато пред екраните, особено на социјалните медиуми и каналите за вести и избегнувајте да ширите непроверени информации.

– Радикалното прифаќање на променетата ситуација и работењето на вештините за решавање проблеми со позитивен став се добри начини за справување со стресот. Професионалната помош треба да се прифати доколку е потребна.

Автор: д-р Викас Танеха

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *