Вчера РК “АСТРА – СПОРТ” од Македонска Каменица се покажа како успешен организатор и освојувач на вториот по ред турнир во чест на христијанскиот празник Св.Никола

Во Македонска Каменица се одржа вториот турнир на Астра Спорт, одигран по повод големиот христијански празник Св. Никола. Овој турнир, кој претендира да стане традиционален, го организираше нашата школа во Македонска Каменица, според правилата и пропозициите на ракометната Академија Металург. Турнирот се одигра во спортската сала при ОУ “Кирил и Методиј” во Македонска Каменица.

Во машка и во женска конкуренција настапија по три екипи, сите од нашите школи од регионот Исток. Во женска конкуренција се натпреваруваа РК “Младинец” од Кочани,  РК “Кочо Рацин” од Кратово и РК “Астра Спорт” од Македонска Каменица, додека во машка конкуренција настапија екипите на РК “Астра Спорт” од Македонска Каменица, РК “Торо Спорт” од Виница и РК “Дедо Иљо Малешевски” од Берово.

Турнирот беше одлично организиран од нашата школа во Македонска Каменица, предводена од Мирјана Гошевска.

Навистина сум задоволна од успешноста на овој турнир, кој ќе се обидеме да стане традиционален и да биде празник на детскиот ракомет во овој дел на нашата земја. Видовме одлични борби во двете конкуренции, во кои младите спортисти покажаа огромна желба да дојдат до победата и до трофејот на турнирот. Водени од принципот на фер-плејот и носени од својот спортски дух, младите ракометари и ракометарки прикажаа игри кои целосно ја оправдаа потребноста од овој турнир и ја задоволија бројната публика. Исто така, очекувам дека во иднина овој турнир на површина ќе исфрли бројни талентирани ракометарки и ракометари, кои потоа ќе го најдат своето место во натпреварувачките екипи на Металург и чија кариера понатаму ќе се развива под закрилата на овој македонски ракометен гигант“, вели Мирјана Гошевска.

Гостин на турнирот беше и директорот на Академија Металург Тони Ристески.

Секогаш ми е задоволство да следам вакви турнири, во кои секогаш победуваат младоста и  спортот. Особено сум радосен што турнирот го организираше наша школа и на него учествуваа екипи од источниот регион на нашата Академија, кој се етаблира во регион во кој ракометот полека го завзема местото што го заслужува и ги враќа позициите што ги имаше во минатото. Видов одлични натпревари и јас им честитам на победниците. На останатите им посакувам да го освојат трофејот во некое од следните изданија на овој турнир, кој очекувам да стане традиционален и да го има своето посебно место во годишната агенда на Академијата Металург. И јас верувам дека овој турнир ќе ни помогне да го препознаеме квалитетот на поединците, кои ќе преминат во нашите екипи и ќе се натпреваруваат во системот на РФМ, бранејќи ги боите и дресот на Металург“, изјави Тони Ристески.

На турнирот беа постигнати следните резултати:

 

Машки:

Торо Спорт – Дедо Иљо Малешевски  12:14

Астра Спорт – Дедо Иљо Малешевски  15:15,  19:16 по изведување на седмерци

Торо Спорт – Астра Спорт  10:16

 

Пласман:

  1. Астра Спорт од Македонска Каменица
  2. Дедо Иљо Малешевски од Берово
  3. Торо Спорт од Виница

 

Женски:

Младинец – Кочо Рацин  3:14

Астра Спорт – Кочо Рацин  17:18

Астра Спорт – Младинец  12:5

Пласман:

  1. Кочо Рацин од Кратово
  2. Астра Спорт од Македонска Каменица
  3. Младинец од Кочани

Турнирот беше организиран со несебичната помош на Општината Македонска Каменица, Рудникот “Саса“, “Коце Комерц“, “Делириум“, “Мебел Де“, “Јаков“, “Виор“, “Вен Маркет“, “Пепи-сан“, “Хаваи“, “Евка Кам“, рестораните “Иднина“ и “Кај Говедо“, како и сендвичарата “Џафер“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *