Во Штип од утре почнува 4.„Текстилијада”, во фокус работничките права во време на корона

„Работничките права во време на корона-Корона права”  е мотото на четвртата „Текстилијада”, која ја организира здружението на граѓани „Гласен Текстилец”-Штип. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец”-Штип на денешната прес-конференција најави дека настаните на „Текстилијадата” почнуваа од утре, а ќе траат до 17 октомври.

 

 

-Овогодинешната Текстилијада има цел да ја отвори темата и проблематиката за почитувањето на работничките права на текстилните работници и работнички во време на пандемијата со Ковид-19. Преку дијалог со носителите на одлуки, институциите и работодавачите, работниците и работничките здружено и солидарно да дејствуваме и да изнајдеме решенија од кои посилни ќе излеземе од оваа здравствена, економска и социјална криза, вели Ампева.

Благојче Дишовски од здружението истакна дека утре почнува со онлјан дебата на тема „Дискриминација-без закон за дискриминација, додека во големата сала на Советот на Општина Штип ќе дебатираат работодавачите, граѓанските активисти и локалната власт на тема „Заедно до социјален дијалог на локално ниво”.

Уметничкиот и технички директор на „Текстилијадата”, Денис Ампев најави дека работниците и работничките добиваат втор споменик во паркот „Суитлак”, станува збор за вајараско уметничко дело „Магичен конец”, а на свеченото отварање в петок потврдено е дека ќе присуствува и претседателот  Стево Пендаровски. Тој ден ќе се промовира и трето издание на весникот „Текстилец” и новиот стрип „Супер текстилка”.

На 17 октомври „Текстилијадата” се затвара со анализа „Влијание на Ковид-19 врз ниско платените и трудоинтензивни гранки и проекцијата на филмот „Убивајќи го бога” во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров.

Четвртото издание на Текстилијада е поддржано од: Олоф Палме Интернационален Центар, Општина Штип, Фондација Отворено општество – Македонија и  Фондацијата Фридрих Еберт Скопје.  Партнери  се шведскиот Синдикат Хенделс, Младинскиот клутирен центар Битола, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Лонгуров принт студио.

Поради пандемијата со Ковид-19, сите настани ќе се одржуваат согласно официјалниот протокол за организирање јавни настани со целосно почитување на здравствените мерки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *