Ѕвегор и Стамер кај Делчево и Стар Истевник и Панчарево кај Пехчево нови наоѓалишта богати со јаглен

Завршија теренските активности поврзани со истражувањата за резервите на јаглен во Ѕвегор-Стамер, Делчевско и кај месноста Стар Истевник-Панчерево кај Пехчево.

Како што информираат од АД ЕЛЕМ, конкретни резултати од истражувачките активности се очекуваат по реализацијата на следната фаза, односно по изработката и ревизијата на потребните елаборати што како процеси ќе бидат заокружени до крајот на годинава, односно до почетокот на 2017 година.

Од АД ЕЛЕМ потенцираат дека по изработката на ревидираните елаборати, кои ќе покажат со колкави резерви на јаглен располагаат предметните наоѓалишта и каков е нивниот квалитет, ќе следува изработка на студија за оправданост за секоја локација. Таа ќе даде насоки за наредните чекори кои би се презеле во однос на исплатливоста за отворање нови рудници за јаглен, земајќи ги предвид сите техно-економски параметри, како и нивното влијание врз животната средина.

За предметните инвестициски активности АД ЕЛЕМ обезбедила 905 илјади евра од сопственото работење. Изведувач на работите, кои стартуваа во почетокот на април оваа година, беше Градежниот институт на Македонија.

Првичните геолошки истражувања на овие локации се правени пред 30-ина години и тогаш анализите покажале дека овие локации кријат околу 50 милиони тони квалитетен јаглен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *