Што кога детето ќе се повлече во себе?

Повлеченоста е многу честа препрека во развивањето на социјалните вештини кај децата и младите. Повлечените деца во поголем број случаи се срамежливи, со ниска самодоверба, тешко воспоставуваат контакт со другите, па ретко им приоѓаат на други деца и започнуваат разговор.

Во група деца повеќе имаат улога на набљудувачи и слушатели отколку на активен соговорник. Тешко им е да изразат што мислат, како се чувствуваат, зошто така се чувствуваат, што им треба, што сакаат, што ги интересира, сè задржуваат во себе. Некои деца се плашат дека ќе бидат исмејувани или повредени, несфатени, а некои не знаат како да кажат што ги загрижува или за што размислуваат. Поради тоа што не знаат да се изразуваат, некои реагираат агресивно, луто, нервозно, депресивно и уште повеќе се повлекуваат во себе, избегнуваат контакти со други деца. Повлечените деца често знаат да бидат во свој свет, често не се присутни со мислите сега и овде, што понекогаш создава проблеми во училиштето бидејќи не ја следат наставата, не се концентрирани на материјалот или не ги интересира, па добиваат лоши оценки.

Социјалната дистанца, која беше наша реалност во изминатите месеци, а потоа и долготрајното користење на мобилните телефони и други екрани дополнително ја влошија состојбата или, пак, предизвикаа појава на повлеченост кај децата што претходно не биле такви.

– Ако има таков проблем, потребно е да се разговара со детето, да го сослушате, да имате трпение и разбирање за таа особина и детето да знае дека од родителите ќе има поддршка, дека може да им се обрати во кое било време и притоа дека нема да биде исмејувано и понижено. На детето треба со свој пример да му се покаже како да се справува со некои ситуации, како да се вклучи во разговор, како да ѝ пристапи на друга личност, да му се помогне да ја изгради и зајакне самодовербата и вербата во себе, да знае да се одбрани од вербални и физички насилници – советува Ружица Жибрат од Меѓународниот институт за природно здравје во Хрватска.

– Како родител на повлечено дете, сигурно сте се обиделе со многу нешта за да му помогнете. Ако тоа не ги донело посакуваните резултати, потребно е да се побара стручна помош бидејќи сè што детето задржува во себе, а би требало да го искаже, со текот на времето создава емоционални, ментални и енергетски блокади кои предизвикуваат сериозни проблеми во комуникацијата и односите во младоста и во возрасната доба, па полека, но сигурно водат кон болест – велат во Меѓународниот институт на природно здравје.

Повлеченоста често се толкува како срамежливост, но тоа не се два исти поими. Обично во најрана доба од животот се уочуваат деца што се „лидери“, кои полесно склопуваат пријателства, екстровертни се и гласни, за разлика од оние другите, помалку уочливи и повлечени, или интровертни деца.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *