Футсал репрезентацијата на Македонија немоќна против репрезентацијата на Казахстан

Македонската футсал репрезентација со пораз ги отвори квалификациите за ЕП 2018 во Словенија, откако во „Алмати арена“ во Казахстан загуби од домаќинот со 0-3 (0-2).

Нашата селекција беше рамноправна во поголемиот дел од мечот, посебно во првото полувреме во кое имавме најмалку пет шанси за гол, но пресуди искуството на Казахстанците кои се трета футсал-сила во Европа затоа што на последниот европски собир во Србија ја освоија бронзата. Головите вредни победа ги постигнаа Шерик Жаманкулов, кој го матира одличниот Петровски во 12 и 18 минута од натпреварот, како и Алберт Акбаликов кој погоди во второто полувреме.

Македонија имаше свои шанси на мечот, но сепак не ги искористи. На отворањето на средбата Петровски, Леовски и Глигоров имаа можност да донесат водство за нашата футсал-репрезентација, но сепак, не успеаја. Казната дојде во 12. минута, кога Казахстан поведе со гол на Жаманлуков по еден брзо изведен аут, додека вториот гол домаќинот го постигна пред финишот на првото полувреме, од акција која тргна од голманот, а заврши до Жаманкулов кој излезе пред празната мрежа на Петровски и го постигна својот втор гол.

Во вториот дел и двете репрезентации имаа шанси за гол, а поконкретна во обидите беше селекцијата на Казахстан. Иницијативата вроди плод во 32 минута од натпреварот, кога Акбаликов постигна трет гол во мрежата на Македонија. Во финишот од натпреварот селекторот Божовиќ реши да игра без голман, но и тоа не ни помогна да постигнеме барем еден гол во мрежата на противникот. Одбраната на противникот за нас се покажа како гранитна, затоа што ги изблокира сите удари.

Во наредното коло од квалификациите за ЕП, репрезентацијата на Македонија се среќава со Чешка, која во рамки на првото коло во возбудлив меч славеше над Данска со 5-4. Натпреварот се игра утре (недела) во терминот од 11.30 часот.

Извор на инфо: gol.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *