Учениците на распуст! Со надеж, од септември во училишните клупи.

Онлајн наставата тешко се прифаќаше: од учениците бидејќи тоа беше едно ново искуство, од наставниците – заради техничко-технолошкиот предизвик, како и од родителите – заради многу повеќе потребно време за учење со своите деца.

Десетти јуни е најсреќниот ден за сите ученици, но денес, како и минатиот 10 јуни, таа радост не се забележува во училишниот двор туку виртуелно преку Тимс програмата, бидејќи најголем дел од учениците се дома пред своите компјутери, лаптоп уреди, мобилни. И затоа да се надеваме дека здравствената ситуација во нашата земја од септември ќе дозволи учениците да започнат една нормална учебна година…    

Од денеска, почнува распустот за сите ученици во основните и средните училишта во земјата, а завршува една пандемиска, онлајн, полна со предизвици и тешка учебна година за сите: децата, родителите, наставниците.

Учебната 2020/2021, заради светската пандемија предизвикана од ковид-19, во Македонија започна одложено, наместо на 1 септември, на 1 октомври и по таканаречениот хибриден модел, односно во најголем дел од училиштата – со физичко присуство настава следеа учениците до трето одделение, додека во повисоките одделенија (четврто до деветто, како и во средните училишта) се учеше онлајн преку програмата МС Тимс.

Првачињата училишната година ја започнаа со маски на лицата, а така беше и за нивните повозрасни соученици од второ и трето, за кои нивните родители избраа настава со физичко присуство во училиште. Дел од родителите на учениците до трето одделение имаа избор нивните деца да следат настава, пак, од далечина. Сите тие ученици, заедно со повозрасните одделенија, а кои имаа пристап до интернет, наставата можеа да ја следат на компјутер, лаптоп, таблет или мобилен телефон. Секако, онлајн наставата се одликуваше со технички проблеми, пред сè поради прекините на интернет конекцијата. Во одредени периоди од годината, во некои училишта, поради детектирани позитивни на ковид-19, цели паралелки беа во изолација, во други, пак, дел од учениците наставата ја продолжија онлајн во периодите кои беа критични за здравјето и за учениците и наставниците. За учениците, пак, кои немаа пристап до интернет, како и за оние од социјално ранливите категории, училиштата требаше да обезбедат пристап до наставните содржини во некоја друга форма како печатени материјали.

Инаку, онлајн наставата тешко се прифаќаше: од учениците бидејќи тоа беше едно ново искуство, од наставниците – заради техничко-технолошкиот предизвик, како и од родителите – заради многу повеќе потребно време за учење со своите деца. Но, според истражување на УНИЦЕФ, двојно се намалил процентот на родители кои сметаат дека учењето на далечина не е ефективно. Ако минатата година 49% одговориле дека учењето на далечина не е ефективно, за оваа учебна година 26% го делат овој став. „Речиси половина од родителите, чии деца имале настава на далечина (48%) го оценуваат работењето на наставниците со одличен пет, а дополнителни 26% со многу добар четири“, покажало истражувањето.

Оваа учебна година беше предизвик и за средношколците, но најмногу за матурантите. Дел од матурантите започнаа да ја бојкотираат онлајн наставата од првиот ден од второто полугодие, прифаќајќи го повикот на Средношколскиот сојуз, кој побара од Министерството за образование и наука матурантите за државна матура да полагаат мајчин јазик и еден предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира. МОН не ги прифати барањата на Средношколскиот сојуз да се скратат предметите со образложение дека матурата е законска обврска за сите што сакаат да продолжат во високо образование. По речиси еден месец бојкот на наставата од страна на матурантите, Владата и Сојузот на средношколци изнајдоа заедничко решение со кое секој матурант ќе може да се запише на кој било факултет во државата или надвор. Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование, со четиригодишно траење, учениците екстерно полагаат 2 предмети, 2 интерно и проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик, а оваа учебна година за државна матура се пријавија околу 15.000 матуранти, кои на 5 јуни веќе го полагаа задолжителниот испит. На 11 јуни, пак, тие ќе полагаат англиски, германски, француски, руски јазик, математика, естетика и филозофија.

Од Државниот испитен центар посочија дека за оние матуранти кои на денот кога се реализираат екстерните испити се болни од ковид или се во самоизолација, дополнителните термините за полагање се: 25 јуни – за македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература и 28 јуни – за математика, англиски, француски, германски, руски јазик, филозофија и естетика.

Десетти јуни е најсреќниот ден за сите ученици, но денес, како и минатиот 10 јуни, таа радост не се забележува во училишниот двор туку виртуелно преку Тимс програмата, бидејќи најголем дел од учениците се дома пред своите компјутери, лаптоп уреди, мобилни. И затоа да се надеваме дека здравствената ситуација во нашата земја од септември ќе дозволи учениците да започнат една нормална учебна година…

(Н.И.Т.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *