Трагедија: Траорна атмосфера во Тетово по извлекувањето на жртвите од пожар во семејна куќа (Видео)

(Видео) Траорна атмосфера во Тетово, извлечени телата на загинатите во пожарот

Траорна атмосфера владее во тетовското маало Горна чаршија каде што изутринава во пожар загинаа мајка и нејзините четири малолетни деца. Екипа на „Макфакс“ е на терен, но пристапот до опожарената куќа е оневозможен поради увидот кој сè уште трае. На улицата Гоце Делчев се насобрани соседите и семејството на загинатите, кои не можат да поверуваат што се случи.

Видео плејер

00:00
00:29

На местото на несреќата има припадници на полицијата, пожарникари, како и екипа на форензичари од Скопје.  Сè уште не се знае причината за пожарот кој избувнал изутрината пред 5 часот во домот на семејството Зулбеари.  Постојат сомнежи дека настанал или од печката на дрва на којашто се затоплувале или, пак, од неисправна инсталација.

Како што дознаваме, екипите успеале да ги извлечат телата на загинатите од опожарениот втор кат на куќата, кои ќе бидат однесени на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Според извори од истрагата, телата не биле целосно зафатени од огнот и постои можност за нивна идентификација.

Од Противпожарната екипа, којашто интервенирала изутринава, велат дека направиле сè што е во нивна можност за да го изгаснат пожарот. Пристигнале веднаш по пријавата, но интервенцијата била отежната поради лошиот пристап до куќата, поради тесните улични и збиени куќи. Поради тоа постоела можност и куќите коишто се лепенки со  опжарената куќа да бидат зафатени од огнот, но, за среќа, тоа навреме било спречено, вели Ука Алити од Противпожарната бригада.

Пожарот во Тетово се случи на улицата Гоце Делчев, која се протега во горниот дел на градот, од реката Пена па сè до  православни гробишта во Тетово. Делот каде што се наоѓа опожарениот објект е помеѓу месноста Певчина и населбата Поток.

На местото на несреќата пристигна и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која изрази жалење на настанот додавајќи дека целиот случај ќе биде истражен.

Во огнената стихија која го зафатила нивниот семеен дом на улицата Гоце Делчев успеале да се спасат свекорот и свекрвата, кои спиеле на долниот кат од куќата. Тие успеале навреме безбедно да го напуштат домот кој бил зафатен од огнените јазици. Во моментот кога се случила трагедијата мајката била сама со нејзините деца на горниот кат од куќата, додека нејзиниот сопруг бил на работа. Како што дознава „Макфакс“, во пожарот ги изгубиле животите деца на возраст од 6, 9, 12 и 14 години.

Обвинител од Тетово повика тим од форензичари од Скопје и екипа од ЕВН да помогнат во увидот со цел да се утврди што навистина се случило во куќата.

Виктор Јованов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *