СОЊА СТАМЕНКОВА СЕДНА ВО ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФОТЕЛЈА. СОВЕТНИЦИТЕ ГИ ДОБИЈА УВЕРЕНИЈАТА ЗА РАБОТА

 

02.XI.2017 (kamenica.mk)


Новиот градоначалник на Македонска Каменица, Соња Стаменкова и советниците од новиот состав на Советот на општина Македонска Каменица, денес свечено ги добија уверенијата за вршење на функциите во нивниот четиригодишниот мандат.
На оваа свеченост што се одржа во општинските простории, претседателката на Општинската изборна комисија Сања Митревска, им честиташе на изборот и им порача да работат што поефикасно во исполнувањето на проектите што се од интерес на сите граѓани на општина Македонска Каменица.

Во новиот состав доминантни се советниците од СДСМ и коалицијата кои освоија 6 советнички мандати и за прв пат ќе претставуваат политичко мнозинство во Советот на општина Македонска Каменица.

Носителот на листата од победничката СДСМ, Иван Кузмановски изјави дека Советот на општината по сите основи, како и по самиот состав и начинот на функционирање ќе биде поразличен од сите досегашни. Дека ќе работат за развој на Општината и за доброто на сите граѓани на Македонска Каменица.

Денес уверение за извршување на функцијата доби и Соња Стаменкова, новиот градоначалник на општина Македонска Каменица. Од денес и официјално започнува да тече нејзиниот четиригодишен мандат. Во своето свечено обраќање до членовите од новиот Совет на општината, присутните гости на овој свечен чин и до сите граѓани на Македонска Каменица, меѓу другото таа ја истакна својата благодарност за огромната поддршка од граѓаните на Македонска Каменица. Дека таа огромна поддршка од граѓаните е нејзина обврска која ќе ја насочи кон работа за доброто на сите граѓани.

Соња Стаменкова, новиот градоначалник на Македонска Каменица во вториот изборен круг извојува убедлива победа со освоени 2714гласови, наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој освои недоволни 2105 гласови од граѓаните на Македонска Каменица. Поранешниот градоначалник на Општината не се појави на денешната свеченост организирана од ОИК за доделување на уверенијата за работа на новите советници од Советот на општина Македонска Каменица и официјалното примо-предавање на градоначалничката функцијата во Општината.

По добивањето на уверенијата за работа останува да се одржи и конститутивна седница на Советот, на која ќе бидат избрани претседателот, комисиите и другите органи на Советот на Општината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *