СОЊА СТАМЕНКОВА – НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА СО ОБРАЌАЊЕ ДО СВОИТЕ СОГРАЃАНИ

 

31.Х.2017 Каменица (kamenica.mk)

Уважени!!
Сакам со овие неколку реда да Ви се обратам после „ Долгата ноќ“.

Верувајте ми, ако некој истовремено чувствува најголема благодарност како награда, најголем умор како слатка навика и најголема одговорност како доживотна обврска, тоа сум токму јас.

Вчерашниот ден, толку мирен и посакуван во Македонска Каменица и мене лично ми ги отвори портите на градот. Во него живеам со мојата ќерка и поширокото мое семејство, во него другарувам лично со многу од вас, во него во белиот мантил во неговите здравствени институции го обезбедив мојот повеќе децениски работен стаж, во него ги поминав најубавите моменти и во него со сите вас ставив иницијали за „ нова историја“.
Но вчера прв пат после многу години, го видов онака, што викаат во природна величина, искрен, отворен и растеретен. И тоа касно есенско сонце како некако да ја дополнуваше таа слика на сјајот и слободата. Како да ми се вратија слики од безгрижното детство кога буквално во скромноста на животот ја дишев надежта и иднината.

Сограѓани!
Ние изгледа отворивме сите заеднички една нова страница на големата енциклопедија, што се вика општина Македонска Каменица. Хомогено застанавте позади проект кој изгледа добро го проучивте, и мене како човек кој го предводи истиот ме овластивте во иднина да Ве водам низ општинските ходници и во една паметна заедница да го организираме животот во нашата општина.

Што се однесува до самата писмено искажана подршка….
Ова е фантастична бројка. Победничкиот строј го сочинуваат близу 2700 наши сограѓани и тоа е блок од кој произлезе оваа огромна победа.

Сите знаете дека јас политички потекнувам од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Ја користам можноста овака јавно преку мојот фб профил да им се заблагодарам на сите припадници на мојата матична партија кои во еден напорен ангажман газеа трње, кал, вода, влегоа и кај треба и кај не беа баш добро примени, влегоа како гласници и добронамерници и успеаа на домаќинствата да им пренесат колку е слободата неопходна и колку таа значи за обликувањето на нашиот живот понатаму. Останаа свесни и присебни и кога беше најтешко, скромни се и сега во епицентарот на најголемата прослава.

Сакам да им се заблагодарам искрено на нашите политички партнери од ВМРО НП кои ја препознаа неопходноста во решавањето на досегашната политичка гарнитура кај нас и кои несебично учествуваа во сите заеднички операции кои ја донесоа победата, а исто така и на јавно афирмираните членови на ВМРО ДПМНЕ- коректни луѓе, за кои јавноста не беше никаков проблем по сите можни линии да придонесат за големиот триумф.

Огромна БЛАГОДАРНОСТ до сите вас драги сограѓани, мажи и жени, млади и стари, спортисти, музичари, културни работници, професори, наставници, Доктори, медицинари, сите кои на свој начин си ја сакате Каменица и кои веќе со своите замисли и перцепции ми давате смерници во кој правец да ја водиме општината и како сите заеднички да просперираме.

РУДАРИ, како најголеми патриоти, алтруисти, луѓе, борци!!
За вас само едно можам да кажам….
„ Без трудот ваш овој град, оваа општина никогаш немаше да ја здогледа светлоста на денот, оваа белина“.
Во мене секогаш да гледате ваша сестра!!

Сега е веќе се на нас, ќе ги поминеме сите предвидени правни формалности и ќе ја превземеме општината, за неколку денови.

Само работа и силни ангажмани, само тоа можам да Ви го ветам.
Онака човечки, искрено до срж.

Да бидеме најуспешни до сега, сите заедно!!!

Во Мак Каменица
31.10. 2017

Градоначалник
Соња Стаменкова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *