САСА СЕ ВРАТИ СО ЗНАЧАЕН БОД ОД ГОСТУВАЊЕТО ВО РАДОВИШ

Македонска Каменица, 18. Април 2018 година – ФК Каменица САСА од гостувањето против ФК Плачковица во Радовиш се врати со исклучително значаен бод за опстанок во Втората фудбалска лига. Иако натпреварот беше динамичен со многу шанси на двете страни, головите дојдоа во второто полувреме. Домаќините први успеаа да го отворат резултатот со убаво нафрлена топка во шеснаестерецот на Саса која беше сместена во голот по одличен удар со глава. Веќе во следниот напад дојде до израмнување на резултатот. По една добро одиграна акција со многу прецизни додавања, Дарко Пешовски успеа да постигне ефектен гол. По израмнувачкиот гол, Саса продолжи со офанзивата кон противничкиот гол, што доведе до водство на каменичани. Голот беше постигнат со соло акција на Дамјан Ивановски, кој успеа да ја претрча скоро целата одбрана на ФК Плачковица и прецизно шутираше за 1:2.

Во продолжението на натпреварот ФК Каменица САСА имаше уште неколку изгледни шанси за зголемување на водството, но истите останаа нереализирани. Казната и израмнувањето на резултатот дојде во последните минути од натпреварот, кога домаќините од прекин успеаа да го израмнат резултатот.

Се случи и еден немил настан каде што во еден воздушен дуел на фудбалер на ФК Плачковица и гостинскиот голман дојде до повреда на домашниот играч. Благодарение на главниот судија на овој меч Јосип Бартон кој беше најблизу до него, и неговата присебна интервенција, повредениот фудбалер беше спасен. Подоцна е пренесен во болница и утврдено е дека нема посериозни повреди.

Саса останува на седмата позиција со 19 бода, зад Плачковица која има 24. Во наредното 21. коло Каменица САСА гостува во Кочани, каде против Осогово ќе го одигра најзначајниот меч сезонава. Осогово е осмо пласирана екипа во лигата, активна во борбата за опстанок и со заостанување од 6 бодови зад ФК Каменица САСА. Се надеваме дека и во наредниот натпревар, нашите миленици, фудбалерите на САСА ќе одиграат одлично и ќе успеат да ја зацврстат својата позиција на табелата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *