Само плински боци со атест се сигурни

Во Романовце плинската боца била близу грејно тело, радијатор Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трагедијата во кумановско Романовце ја вознемири јавноста

Познавачите на состојбите постојано апелираат за внимателно ракување со плинските боци. Најважно од сѐ е да се користат атестирани плински боци од овластени полнилници за гас, со проверени сигурносни вентили и да се полнат со пропишаното количество гас. Сите други плински боци што немаат никаков атест и се полнат во разни продажни места може да бидат несигурни и опасни

Граѓаните сѐ уште се во шок од трагедијата што се случи во кумановско Романовце, во која настрадаа три деца, а повеќемина од семејството беа повредени. На многумина сѐ уште им се во свежо сеќавање многу вакви настани од минатото, но овој е најголем по бројот на жртви. Плинска боца го предизвика пожарот што се случи во продавница за железо во Гевгелија, при што загина едно лице, а неколкумина беа повредени во јануари минатата година. Тројца скопјани беа повредени, а едно 25-годишно момче почина во пожарот што се случи од експлозија на плинска боца во сервисот за мотори „Тјунинг“ на улицата Јордан Мијалков во декември 2018. Во декември 2019 година имаше еден тешко повреден во експлозија на плинска боца во Тетово. И веројатно има уште многу на кои би се сетиле, а посакуваме да не се случуваат во иднина. Познавачите на состојбите постојано апелираат за внимателно ракување со плинските боци. Најважно од сѐ е да се користат атестирани плински боци од овластени полнилници за гас, со проверени сигурносни вентили и пропишано количество гас. Сите други плински боци што немаат никаков атест и се полнат во разни продажни места за гас може да бидат несигурни и опасни. За жал, плински боци се продаваат и на пазарите за стари работи, па дури и ако се пребара на социјалните мрежи, може да се види дека се врши купопродажба на плински боци за кои мора да се провери дали се атестирани. И плинската дваесетлитарска боца што ја користело семејството во кумановско Романовце била купена од пазар, потврдуваат од Основното јавно обвинителство.

– По првичните сознанија по извршен увид на јавен обвинител, дознаваме дека семејството ја користело плинската боца долго време. Овој пат била поставена до грејно тело, радијатор. Дали причина за експлозијата е поставеноста на плинската боца, зголемување на собната температура и поради присуството на поголем број лица или можеби дотраеност на боцата, сѐ уште не може да се каже во овој несреќен случај – велат од ОЈО.

Доколку плинските боци не се атестирани, често може и да се наполнат повеќе од она што им е предвидено количество, па ваквата состојба на плинската боца, заедно со несигурен вентил, може многу да биде опасна, велат познавачите на состојбите.
– Ние не примаме вакви боци да полниме на нашите бензински пумпи, ги враќаме.

Нашите боци се атестирани и сигурни. Сите боци имаат жиг, прегледани се и под сигурносниот вентил имаат етикета со кратки безбедносни упатства како да се користи. Боците се полнат во сопствена современа карусел-полнилница, при што се врши проверка на наполнетоста на секоја од боците. По завршениот процес на полнење и проверка на исправноста, се врши поставување специјални заштитни полиетиленски капи на вентилите на боците. Со тоа се гарантираат точноста на наполнетоста на боците и нивната техничка исправност. „Макпетрол“ поседува специјално техничко одделение за тестирање празни боци, со што се обезбедуваат нивна максимална исправност и безбедна употреба. Во специјално одделение се контролира техничката исправност на боците. На корисниците им даваме бесплатно специјални пластични клучеви за затегање на вентилот, објаснуваат од „Макпетрол“.


На што да се внимава

На атестираните плински боци на „Макпетрол“ под вентилот стои упатство на што треба да внимаваат корисниците на плински боци. Тоа се најважните препораки до кои треба да се придржуваат сите што ракуваат со нив. Она што прво треба да се погледне при замена на боците се цревото и спојките да се контролираат исклучиво со сапуница. Појавата на меурчиња и специфична миризба укажува на дотраеност на цревото или несигурна спојка. Во тој случај веднаш треба да се затвори вентилот на боцата, а потребно е да се отворат вратите и прозорците и сопственикот да се обрати кај својот продавач. Секако, оној што не може сам да ја приклучи боцата треба да повика стручни лица за помош. Препорачливо е при секоја замена на боцата да се менува гумената заштита. Пред приклучување, боцата задолжително да се остави еден час на собна температура. Боците треба да бидат заштитени од неконтролирано удирање и поместување. Во никој случај не смее да дојде до оштетување на вентилот за приклучок и, она што е најважно, боцата треба да се полни исклучиво во специјализирана полнилница. Боцата никако не смее да се изложува директно на сонце и не смее да се чува во близина на извор на топлина или искрење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *