РОДИТЕЛИ ПРОЧИТАЈТЕ: ИНИЦИЈАТИВАТА „#СЕГАКАЖУВАМ“ ПОКАЖА ДЕКА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ СКРИЕНИ МНОГУ СЕКСУАЛНИ ПРЕСТАПНИЦИ

Ако тој или таа ја злоупотреби својата позиција како наставник, како возрасно лице, последиците не се само од сексуален карактер, туку се и психолошки. Се руши моделот на авторитет, сето тоа младиот човек го потиснува, а сѐ што ќе се потисне продолжува да егзистира – вели психологот Милка Ололовска.


Многу храбри жени деновиве на „Фејсбук“ објавуваат потресни приказни за сексуално вознемирување што го почувствувале на своја кожа и со тоа ја подигаат свеста за овој вид насилство. Ако го отворите хаштагот #СегаКажувам и #TaniTregoј веднаш ќе забележите дека голем дел од сексуалните напади се случиле во образовни институции, училишта и факултети, местата каде што децата и студентите пред сѐ треба да се чувствуваат безбедно.

Цветковиќ: Кренавме глас, на ред се институциите

„Додека студирав еден професор, уште во прва година, ме канеше во својот кабинет, ми ветуваше дека ќе ме ангажира како демонстраторка, само доколку поминам еден викенд надвор од Скопје со него. За мене испитот го закажа во недела, па од страв морав да одам со мајка ми. Утредента ми се јави на телефон и побара конечен одговор за заедничкиот викенд. Собрав храброст, реков НЕ и тогаш тој ми рече: ’Е па, тогаш дај ми ја мајка ти на телефон, можеби таа ќе сака‘. Ѝ се доверив на една професорка од истиот факултет, а таа ми рече: ’Остај тоа, батали, на сите така им прави, и онака сега ќе оди во пензија‘“.

Ова е сведоштвото на активистката Ирена Цветковиќ, една од жените што ја почнаа оваа иницијатива. За Факултети мк. вели дека била изненадена што најголем дел од споделените искуства на жртвите се однесуваат на професори и наставници.
– Тоа покажува колку овој тип однесување е раширено, но и толерирано, и тоа онаму каде што најмалку треба да се случува – во образованието. Повеќето споделени приказни се со временска дистанца, така што не знам каква е состојбата сега. Сепак, доколку никој ништо не презел, можеме слободно да очекуваме дека истото се случува. Оваа иницијатива беше иницијатива за кревање глас. На ред се институциите на системот, кои мора сериозно да се зафатат со решавање на проблемот – вели Цветковиќ.

Родители, разговарајте со децата, сексот не е табу-тема

Жртвите на сексуално вознемирување или напад често молчат за доживеаната траума, која остава доживотни последици. Секој сексуален напад е голема траума за жртвата, а децата што доживуваат вакво насилство во училиште од страна на просветен работник никогаш не го преболуваат, велат психолозите.


Психологот Милка Ололовска објаснува дека последиците од сексуално вознемирување и напад на дете од страна на професор или наставник се далекосежни.
– Еден однос на меѓусебна доверба и почитување со професорот е прекинат. Децата ги почитуваат професорите, тие претставуваат авторитет за нив, ги доживуваат како родители, прават слика за нив како заштитници. Ако тој или таа ја злоупотреби својата позиција како наставник, како возрасно лице, последиците не се само од сексуален карактер, туку се и психолошки. Се руши моделот на авторитет, сето тоа младиот човек го потиснува, а сѐ што ќе се потисне продолжува да егзистира – вели Ололовска.

Затоа, според неа, многу е важно родителите отворено да зборуваат со децата кога е во прашање сексуалноста. Така ќе се чувствуваат слободни сѐ да им кажат и најважно е да не се чувствуваат виновни.
– За жал, за многу родители сѐ уште разговор за сексот со своите деца е табу-тема. Наставникот наметнува чувство на вина кај детето со сексуалниот чин или малтретирањето. Веројатно жртвите се соочуваат и со закани. Од друга страна, и самата средина ја стигматизира и ја обележува жртвата. Децата чувствуваат вина, дека направиле нешто грешно, а ако во семејствата се гради здрав однос, доверба, тоа може да се спречи – вели Ололовска.


За неа, нема дилема дека сексуалните престапници се психопати и социопати.
– Не може да злоупотребите дете и да бидете нормална личност. Не се работи за невроза, тие во најголем дел се психопати. Тие се во основа интелигентни луѓе и умеат да ја скријат својата психопатска структура. Но, има начини. Колеги со големо искуство и специјализирани тестови може да ги откријат – вели таа.

Цветковиќ објаснува дека целта на оваа иницијатива е да се проговори, да се прекрши молкот со кој е обвиен проблемот на сексуалното вознемирување.
– Тоа прозборување, односно прекршување на молкот е првиот чекор во разобличувањето на културата на нормализирање на сексуалното вознемирување, која очигледно и денес ја живееме – вели таа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *