Прочитајте за колку време застаруваат сообраќајните казни

Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со прописите за правилата на сообраќајот, со сообраќајните знаци поставени на патот и со знаците и наредбите што ги даваат униформираните полициски службеници. Исто така тие се должни да постапуваат во согласност со сообраќајните знаци поставени на патот и кога со тоа отстапуваат од прописите за правилата на сообраќајот.

Секое непочитување на правилата на сообраќајот претставува прекршок, кој се дефинира како противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии  обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција.

За прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции:

1) глоба;
2) опомена;
3) престанок на важење на возачка дозвола;
4) забрана на управување со моторно возило;

Глобата се пропишува и изрекува како главна санкција, а пак опомената се изрекува наместо глобата кога се работи за полесен прекршок.

Глоба

Глобата за физичко лице се состои во плаќање на определен паричен износ кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противвредност ниту поголем од 1000 евра во денарска противвредност. Во одлуката за прекршокот се определува рокот за плаќање на глобата кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена од денот на правосилноста на одлуката. Во оправдани случаи кога сторителот нема доволно имот, не е вработен, боледува од некоја болест и други слични околности кои го оправдуваат тоа, може да се дозволи глобата да се исплати во рати. Ако сторителот делумно или целосно не ја плати глобата во утврдениот рок, ќе се спроведе присилно извршување согласно со одредбите од Законот за извршување.

Престанок на важење на возачка дозвола

Судот може да изрече санкција престанок на важење на возачка дозвола, доколку е сторен прекршок во безбедноста на сообраќајот со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица и доколку е поднесен доказ дека сторителот постигнал 100 негативни бодови во јавниот сообраќај.  Сторителот на кој му е изречен престанок на важење на возачка дозвола од одредена категорија, не може да се стекне со право на управување со моторно возило од категоријата со која го сторил прекршокот за кој му е одземена возачката дозвола пред истекот на шест месеци од денот на престанокот на важењето на возачката дозвола. Изречената санкција престанок на важење на возачка дозвола, нема да биде извршена, ако поминале повеќе од три години од правосилноста на одлуката за прекршок.

Забрана на управување со моторно возило

За прекршок против безбедноста на јавниот сообраќај, со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица, односно со дејствието настане штетна последица може да се изрече санкција забрана на управување со моторно возило на определени видови или категории во траење од 30 дена до една година. Додека пак за  тој што нема возачка дозвола, забраната на управување со моторно возило опфаќа забрана за стекнување на возачка дозвола во период од 30 дена до една година.

Забраната на управување со моторно возило се евидентира во досието на возачот најдоцна во рок од 15 дена од  правосилноста на одлуката и започнува да тече од денот на евидентирањето во возачката дозвола.

Кога полицискиот службеник ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со овој закон е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука, како и други податоци во согласност со закон, со рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог да ја плати глобата во определениот износ.

Покрај предлогот сторителот да ја плати глобата во мандатниот платен налог се утврдува дека место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови. Ако сторителот на прекршокот ја плати предвидената глоба во рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог, е должен веднаш со истиот да приложи и банкарска или поштенска уплатница за извршената уплата на уплатна сметка во рамките на Трезорската сметка, во полициска станица, односно полициско одделение кој го издал мандатниот платен налог или во најблиската полициска станица, односно полициско одделение или на друг начин пропишан со посебен пропис.

Платен налог

Кога полицискиот службеник ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со овој закон е предвидено издавање на прекршочен платен налог, веднаш ќе издаде прекршочен платен налог. Прекршочниот платен налог содржи лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна поука, а може и други податоци во согласност со закон.

Полицискиот службеник во прекршочниот платен налог изрекува глоба во износ пропишан за прекршокот. По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата, во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот, ќе плати половина од изречената глоба и веднаш е должен со истиот да приложи банкарска или поштенска уплатница за извршената уплата на уплатна сметка во рамките на Трезорската сметка до полициската станица, односно полициското одделение кој го издал прекршочниот платен налог или во најблиската полициска станица, односно полициско одделение или на друг начин пропишан со посебен пропис, за кое право се поучува во правната поука.

Застарување

Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат три години од денот кога е сторен прекршокот. Застарувањето на прекршочното гонење започнува од денот кога е сторен прекршокот. Ова се однесува за поведувањето на прекршочната постапка за изрекување прекршочна санкција. Застареност на прекршочното гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на прекршочното гонење.

Застареноста за изречената прекршочна санкција не може да се изврши ако од денот на правосилноста на одлуката за прекршокот поминат три години.

Застарувањето на извршување на прекршочната санкција започнува да тече од денот кога одлуката за прекршокот станала правосилна.

Застареност на прекршочната санкција настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на извршувањето (објективен рок).

Извор: Правдико

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *