Пријава за угинување на риби во Калиманско Езеро од загадените води на река Туришница

Македонска Каменица, 03. Мај 2018 година – Мештани од село Илиово, Витанско маало, утрово околу 08:30 часот, забележале поголем број на ситна изумрена риба во водите на река Туришница и вливот од истата во Калиманско Езеро. Случајот го пријавиле кај надлежни органи и до одговорни лица на ЗРСК Шаран – Македонска Каменица. Во моментов инспекциски служби од МВР и екипи од Министерството за животна средина се на терен и работат на пронаоѓање на сторителот на оваа еколошка катастрофа. На местото на настанот, од утрово е излезена и рибочуварската служба на ЗРСК “ШАРАН” кои преземаат активности за спасување на загрозениот рибен фонд. На целиот простор се чувствува неподнослив мирис од хемикалии, како и лесно забележлив чуден талог од хемиски материјал во водите од реката, кои во текот на целиот ден се влеваат во водите на Калиманско Езеро. Земени се примероци од загадена вода и изумрена риба од неколку места од течението на река Туришница и истите веќе се испратени до надлежните институции на анализа.

Од ЗРСК Шаран стравуваат од поголеми последици и штети по рибниот фонд во водите на Калиманско Езеро. Апелираат до надлежните да ги преземат сите мерки за откривање на сторителите. Нагласуваат дека слични еколошки катастрофи се случуваат и по неколку пати во годината, особено кај вливот на река Брегалница и нејзините помали притоки. Мештаните со страв за своето здравје бараат од надлежните да биде запрена оваа честа појава, бидејќи водата од река Туришница ја користат за наводнување, а неколку селски бунари се наоѓаат во непосредна близина на речното корито.

Повеќе детали за овој настан ќе објавиме веднаш по ново пристигнати информации од истражните екипи на терен и резултатите од испитаните примероци со загадена вода и изумрена риба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *