ПРАШАЊЕ: ИМА ЛИ КАМЕНИЦА РЕАЛНА ПОТРЕБА ОД РАБОТЕЊЕ НА КАЗИНО ВО ГРАДОТ?

Има ли Македонска Каменица реална потреба од петиција за распишување на Референдум по прашањето: Има ли Каменица потреба од постоење на казино во градот?

Состојбата со коцкањето во нашиот град навистина е алармантна. Три коцкарници на едвај 5000 жители во мало место како Каменица е повеќе од премногу. Сите три казина работат по 24 часа, а младината најчесто ноќниот живот и ноќното лудило го завршува токму на овие места. Од кафана во кафич, а потоа во диско, од диско во казино, а на крај од казино право дома, без ниту еден денар во џеб да се касне нешто и од пекарите во раните утрински часови.

Не ретко слушаме приказни за “јунаштвото” на наши сограѓани што претходната ноќ ја “оставиле” целата плата во некое од казината, за други колку позајмиле, колку должат и колку треба да вратат. Слушаме и кога некој “ќе добие” колку частел и како делел “иљадарки” на останатите играчи во казиното. Но, никој не ја слуша маката на останатите членови во семејствата на “гејмблерите” во градот. Тоа сите го знаат, но е премолчен или “прошепотен” факт во средината и восприемана морална норма во “гетото”.

Често во градот слушаме како најпрво коцкарите ги трошат своите пари и кредити, потоа продаваат дел од работите од дома, колку позајмуваат од пријателите и роднините. Дел од нив на крајот зачекоруваат и во светот на криминалот, измамата и кражбата. Ниту кога ќе пресуши изворот на парите играта не се прекинува, бидејќи тогаш се појавуваат новите „пријатели – лихвари“. Станува збор за оние луѓе кои те поттикнуваат да продолжиш; наводно те разбираат и те охрабруваат, а ти си подготвен на сè, се согласуваш на нивната „поддршка“ и позајмуваш пари – многу пати со голема камата. Тоа се луѓе што се добро запознаени со материјалната состојба на семејството, а големите долгови по правило се враќаат со продажба на недвижнина, кола, куќа или стан.

Јас ќарив, а ти? – слоган испишан во едно од казината во градот.

Кој е ЈАС, а кој ТИ во приказната?

Заработувачката на казината е загарантирана и пред време добро изброена. Казината најдобро си го знаат домашниот есап. Обложувањето е директно поврзано со сиромаштијата. Колку што е беспарицата поголема, толку се зголемува надежта дека излезот е жетоните и во “наредната рака”.

Кој е во ќар, најдобро се гледа преку парите. Казината во Каменица бројат промет колку сите кафеани, продавници и кафичи заедно, а во 200-те најголеми и најуспешни фирми во Македонија според приходите се најдоа дури три казина.

Светските истражувања велат дека зависноста од коцкање никогаш не завршува добро. Резултатите од ова секогаш се катастрофални. Проблемот е тоа што повеќето луѓе ја губат контролата за тоа колку пари и време потрошуваат на коцкањето. Така, тие ги игнорираат своите одговорности и стануваат слепи во врска со несаканите ефекти, а целото внимание и енергија им се посветени на коцкањето.

Институтот за јавно здравје минатата година предупреди на рапидно зголемување на бројката на млади луѓе кои во Македонија секојдневно се обложуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *