Права и обврски на учениците според Законот за основно образование

Секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинство, како и Конвенцијата за правата на детето, се пропишува во Законот за основното образование во врска со правата и обврските на учениците и заштитата на нивниот интегритет.

Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него.

Во законот, исто така, се уредува и прашањето за спречување насилство врз учениците.

Директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон.

Постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдува со подзаконски акт.

„Ученикот има право и обврска да ја посетува наставата и да учествува во воспитно-образовната работа што ја организира основното училиште. Ученикот има обврска да постапува согласно со правилата за однесување во училиштето предвидени во куќниот ред, редовно да ја посетува наставата и да ги исполнува планираните обврски и задачи што се предвидени со наставниот план и програми и годишната програма за работа“, се пропишува во Законот во однос на  посетувањето на наставата и воспитно-образовната работа.

Сите ученици во училиштето ја сочинуваат училишната заедница. Учениците имаат право на ученичко организирање на ниво на паралелка и училиште.

Ученикот од здравствени причини може да биде ослободен од учеството во одделни активности во наставата во основното училиште, врз основа на потврда издадена од соодветна здравствена установа.

За секое изостанување на ученикот од настава, родителот односно старателот е должен да го извести раководителот на паралелката за причините за изостанувањето.

Ученикот може да отсуствува од наставата ако неговото изостанување родителот односно старателот го најави однапред во училиштето, но не повеќе од пет дена во наставната година.

Директорот на училиштето по писмено барање на родителите односно старателите од оправдани причини може да му дозволи на ученикот подолго изостанување од наставата, но не подолго од 30 дена.

Кон ученикот што не ги извршува обврските и ги повредува правилата на воспитно-образовната работа се применуваат следниве педагошки мерки: усна опомена, писмена опомена, укор, преместување на ученикот во друга паралелка и намалување на поведението.

Ученикот има право на организиран или бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километра од најблиското основно училиште.

Учениците со попреченост и лицата за нивна придружба имаат право на бесплатен пристапен превоз, без оглед на оддалеченоста и пристапноста на нивното место на живеење до основното училиште.

Учениците имаат право на оброк во училиштата. Основното училиште, се пропишува во Законот, во договор со родителите односно старателите, а согласно со прописите од областа на јавните набавки, може за сите ученици да организира најмалку еден оброк во текот на престојот во училиштето. Трошоците за оброкот ги плаќа родителот, односно старателот. Во случаите кога родителот, односно старателот е примател на гарантирана минимална помош, трошоците за оброкот може да ги надомести основачот.

Учениците што се истакнуваат со своето знаење или со други видови постигнувања, основното училиште ги пофалува, односно наградува.

На учениците што постигнуваат натпросечни резултати во одредени наставни предмети или воннаставни активности, основното училиште, по предлог на наставничкиот совет, им издава посебни дипломи и пофалници.

На крајот на деветтото одделение училиштето може да издаде диплома за првенец на генерација најмногу на тројца ученици.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *