Општината Македонска Каменица донесе Правилник за еднократна помош на самохрани родители и деца без родители

Македонска Каменица, 23.04.2021 година – Финансиска помош за најзагрозените еднородителски семејства и деца кои останале без родители во висина од 30.000 денари и 15.000 денари за деца без родители, предвидува Правилникот, што деновиве го донесе Општина Македонска Каменица. Ова е прв Правилник од ваков вид, што опфаќа семејства, кои до сега законски не беа обезбедени.

Кога семејствата остануваат со еден родител, психичкиот товар најмногу го чувствуваат децата. Финансиски, тој товар е на семејниот буџет е на родителот, кој останал сам, главно мајките, кои пак се товарени и со стереотипиите на малите средини. Во Македонска Каменица има околу 40 -тина такви семејства и деца  без родители. Еднородителите семејства на крај се потпираат на своите најблиски и заедно со децата се враќаат во домовите на нивните родители или други членови од поширокото семејство. Следно, според Снежа Велкова, самохран родител, овие семејства завршуваат и на товар на државата.

-Најлесно е да се излезе од домот, меѓутоа, финасиите им се хендикеп. Тешко дека ќе можат да ги поднесат трошоците околу плаќање на ќирија, дополнителни трошоци… Трпат, верувајте многу трпат. Тешко е во оваа ситуација. Јас сочувствувам со овие жени, мајки, сопруги, кои трпат и психичко малтретирање. Мораат да трпат, се’ за доброто на нивните деца, само да имаат „нормален живот“ и услови за учење пред се’, вели Велкова.

Проблемите на еднородните семејства, самохраните родители и децата без родители им е позната на Општината Македонска Каменица. Градоначалничката Соња Стаменкова имала повеќе средби со оваа структура на граѓаните, по што е предложен и Советот на Општината донесе Правилник за доделување на еднократна помош за еднородните семејства и деца без родители.

-Често овие семејства остануваат без поглеми приходи, остануваат без сопствени домови, така што, можеби не е многу голема помош, но е помош која мотивира понатаму да работиме на проширување на овој Правилник, или зголемување на средствата во зависност од буџетот, рече градоначалничката Стаменкова.

Според Стаменкова, Правилникот предвидува доделување на по 30.000 денари еднократна помош за еднородителско семејство, доколку приходите по член се до максимални 10.000 денари. Додека децата без родители можат да добијат 15.000 денари, без оглед на приходите. Барањата се доставуваат во Општинската архива, потоа ги разгледува трочлена комисија, по што на крај одлучува градоначалникот.

Овој Правилник, според Велкова, доаѓа во вистинско време, во време на пандемијата, кога суштинска е помошта за семејствата во социјален ризик, но пред се’ за децата, кои не треба да се чувствуваат казнети поради тоа што живее во еднородителско семејство.

-Мене ме радува донесувањето на Правилникот од Општината за каков било вид на помош. Најпрвин финансиска, оти верувајте во овие времиња на луѓето најповеќе им е потребна финансиската поддршка. Без се’ се може, без пари не се може, и затоа можноста преку овој правилник да им се помогне на луѓето, еве кога ќе дојде грејната сезона да им се обезбеди финансиска поддршка барем да си набават огревно дрво: Во летниот период да можат на пример, да си ги испратат на летување своите малолетни дечиња. На децата тоа ќе им значи. Крај на крај и „сува“ пара во рацете на тие деца им значи,се радуваат. Децата не треба да знаат што значи нема. Тие не се должни да трпат, смета Велкова.

Правилникот со кој се обезбедува помош за еднородителските семејства и деца без родители е донесен во соработка со Министерството за труд и социјална политика и доаѓа во време на Ковид пандемијата, која економски се одрази врз најзагрозената група на граѓани. Во Македонска Каменица четири од петте постоечки конфекции, кои вработуваат жени, престанаа со работа, а дел од овие семејства останаа без основниот приход.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *