Од утре ќе работат само супермаркети и аптеки, се затвора и аеродромот во Охрид

Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција ги потврди новите ригорозни мерки за превенција од коронавирусот донесени на владина седница.

Со нив се предвидува:

-целосно затворање на трговските центри, кафулињата, рестораните, казината и обложувалниците. Дозвола за работа ќе имаат само супермаркетите, продавниците за храна и аптеките. Останатите може да вршат продажба онлајн и достава надвор од угостителскиот објект (на врата на објектот);

-се затвораат копнените гранични премини освен Богородица, Ќафасан, Табановце, Блаце и Деве Баир;

-по 48 часа се затвора и аеродромот „Апостол Павле“ во Охрид;

-зе забранува влез во земјава и од средноризичните земји, согласно листата на СЗО, освен со посебна дозвола која ќе ја дава МВР.

На вечерашната седница е формиран и координативен кризен штаб со кој ќе раководи претседателот на Владата, а во кој ќе членуваат сите негови заменици, како и директорите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Кризниот штаб ќе треба да ја координира работата на сите институции, особено во кризните подрачја Дебар и Центар Жупа.

По новите шест случаи на коронавирус кои вечерва беа потврдени, Филипче апелираше граѓаните да ги почитуваат владините мерки, бидејќи како што рече, не се знае што може да се очекува.

„Со седење дома се помага конечно да се стави рампа на патот на ширење на овој вирус. Ние сме во фаза каде што не знаеме што можеме да очекуваме, добро е што имаме едно место на локална трансмисија, многу земји во регионот очекуваат пикот да го имаат на крајот на март или почеток април“,

изјави Филипче.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *