Одредена казна од 2 500 евра за непочитување на мерката за самоизолација

Казна од 2 500 евра доби жителот на селото Дебриште, Оштина Росоман, кој по враќањето од Германија вчера не ги почитувал мерките за задолжителна изолација.

„Тој влегол во државата на 16 март во 23:15 часот, враќајќи се од Германија како средноризична земја утврдена на листата на Светската здравствена организација. Притоа, одбил да потпише изјава за задолжителна самоизолација и да ја прими писмената наредба на Министерството за здравство. На 17 март во 13 часот, кога од страна на полицајци од Кавадарци е направена контрола во неговиот дом, обвинетиот не бил затекнат таму и телефонски изјавил дека е на истовар на стока во Струмица“,

соопштија од обвинителството кога ја побараа судот да определи казна.

Предлогот на јавниот обвинител, согласно Законот за кривична постапка, беше паричната казна да биде во висина од 50 дневни глоби.

Судијата одлучил дневната глоба да изнесува 50 евра, и го прифатил предлогот да биде во висина од 50 дневни глоби. Оттука произлегува и сумата од 2 500 евра (50 дневни глоби од по 50 евра).

Ова е прва ваква казна во земјава поради коронавирусот, но од надлежните институции најавуваат дека наскоро може да се очекуваат и нови, бидејќи се работи на повеќе случаи каде може да се утврди основ за барање на нови казни.

Како се одредува висината од дневната глоба е пропишано со Кривичниот законик (КЗ).

„Висината на дневната глоба судот ја одредува имајќи ги предвид имотните и личните прилики на сторителот, тргнувајќи по правило од чистиот дневен приход што сторителот го остварува или може да го остварува, како и од семејните и други обврски на сторителот и неговата имотна состојба во времето на донесувањето на судската одлука. Најмалата вредност на дневната глоба е едно евро во денарска противвредност, а најголемата 5.000 евра во денарска противвредност“,

пишува во став 3 член 38 од КЗ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *