Нови 68 случаи на ковид-19 во Македонија, најмногу во Куманово

Бројот од 68 новозаболени за еден ден е втор највисок од почетокот на епидемијата, по оној од минатата недела (5 април) кога беа регистрирани 72 случаи

Во изминатото деноноќие здравствените власти регистрирале 68 нови случаи на заболени со ковид-19, објави Министерството за здравство. Новозаболените се откриени со вкупно 404 направени теста за присуство на коронавирусот.

По градови, најмногу новозаболени има во Куманово – 18 случаи. Следува Скопје со 15 нови болни, па Прилеп со 14, Струга со 10, Велес со 6, Тетово со 2 случаи. Битола, Гостивар и Кочани бележат по еден новозаболен.

Скопје надмина 300, Куманово 200 случаи

Бројот од 68 новозаболени за еден ден е втор највисок од почетокот на епидемијата, по оној од минатата недела (5 април) кога беа регистрирани 72 случаи. Сега вкупно во земјата има 828 регистрирани случаи на ковид-19.

Најголем дел од заболените, 312, се од Скопје. Втор град по број на случаи со ковид-19 е Куманово со точно 200 случаи. Трет е Прилеп, каде има 72 лица со коронавирусот.

Состојбата во останатите градови, може да ја погледнете во табелата:

До овој момент, здравствените власти немаат регистрирано нов смртен случај од ковид-19 во изминативе 24 часа. Со тоа, бројката на починати останува 34.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *