Нови мерки во мак-спортот: Задолжителни тестови пред меч, изолација само на „позитивните“!

Нови мерки во мак-спортот: Задолжителни тестови пред меч, изолација само на „позитивните“!

Ширењето на коронавирусот во нашата земја направи проблем и во спортот. Кошарката доцни со стартот, ракометот беше одредено време во прекин, а одложени се и меѓународни натпревари на Вардар и Металург поради позитивни случаи во екипата. Што ќе биде со спортот понатаму?

Од Владата за Gol.mk велат дека се усвоени нови пакет-мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Сите ќе мора да носат заштитни маски како и претходно, со исклучок на играчите, да се држи дистанца, да се прави редовна дезинфекција…

„Со новите протоколи за организрање на спортски натпревари кои беа усвоени од страна на Владата, донесени се пакет мерки со цел спречување на ширење на корона вирусот помеѓу спортисти и спортски работници вклучени во одигрување и организација на натпреварите. Протоколот предвидува во спортскиот објект сите играчи и службени лица задолжително да носат заштитна маска, освен играчите на терен. Се збранува меѓусебно ракување пред почеток и по завршување на натпреварот помеѓу играчите и судиите.

Дезинфекција на реквизитите и бришење на паркетот, а на клупата за резервни играчи да се одржува препорачаното физичко растојание, со задолжително  носење на заштитни маски. Апарати за дезинфициенси за раце задолжително да бидат поставени на повеќе места, при влезот во објектот, во тунелите како и околу теренот. Натпреварите се организираат без присуство на публика. Да се мери на телесна температура пред влез во објектот. Прес конференции да се одржуваат само виртуелно, додека пак собата за прес и микс-зоната ќе бидат затворени“, велат од Владата.

Бројот на лицата на натпревари ќе биде дополнително лимитиран, а забраната за присуство на публика и понатаму останува на сила.

„На натпреварите ќе можат да бидат присутни само играчи, стручен штаб, судии,  делегат и контролор на судење, бришачи на паркет, медицински персонал, редарска служба, претставници на менаџмент на клубовите, новинари, фотографи, камермани, претставници на анти допинг агенција, претставници/делегат на соодветна спортска федерација. Бројот на лицата во сите зони потребно е да се сведе на апсолутен минимум“, додаваат од Владата.

И покрај растот на бројот на заразени, како надвор, така и на спортските терени, засега, не се размислува за прекин на спортот. Од Владата апелираат да се почитуваат сите мерки, во спротивно во иднина може да дојде до прекин.

„Во овој момент не се разгледува можноста за комплетен прекин на спортските активности. Се надеваме дека со почитување на мерките нема да дојдеме во состојба да носиме такви мерки“, е ставот на надлежните.

Според новиот протокол, секој клуб ќе биде обврзан задолжително да спроведе ПЦР тестови 72 часа пред почеток на секој натпревар. Доколку се појави позитивен случај, тој ќе биде изолиран, а другиот дел од екипата продолжува со активностите.

„Медицинскиот персонал на секој клуб е должен да води евиденција и да ја следи здравствената состојба на своите играчи и на стручниот штаб непосредно пред секој натпревар. Спортските клубови се обврзани задолжително да спроведат ПЦР тестирање на играчите и тренерите 72 часа пред почеток на секој натпревар, од сопствени средства на клубот, со цел откривање на асимптоматски инфицираните лица.

При појава на позитивен ПЦР резултат кај член на спортскиот клуб, менаџментот на спортскиот клуб треба веднаш да го отстрани и изолира позитивното лице од учество во сите спортски активности и да ја извести епидемиолошката служба од регионалниот Центар за јавно здравје и до истата да достави список на сите членови на спортскиот клуб“, гласи препораката од Владата.

Моментално во Македонија се играат сите спортски настани, со исклучок на кошарката која во машка конкуренција стартува овој викенд, а кај дамите пред крајот на месец ноември. Од оние првенства кои започнаа, само ракометот доживеа прекин поради појава на голем број заразени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: