Новак Ѓоковиќ е врвот на светскиот тенис

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Стефанос Циципас во финалето на Австралија Опен со 3-0 (6-3, 7-6, 7-6) и се врати на челната позиција на АТП ранкингот. Ноле се радуваше пред полните трибини во својата омилена „Род Лејвер Арена“. По ланското фијаско, депортацијата и оставањето без шанса за битка, Ѓоковиќ се врати посилен и сосема заслужено го крена трофејот во Мелбурн.

Финалната средба тргна израмнето, Циципас имаше две брејк-топки на самиот старт кои не ги искористи, а за тоа дојде казната. Ѓоковиќ во четвртиот гем дојде до предност, која потоа му го трасираше патот низ првиот сет. Српскиот ас со 6-3 го затвори сетот, поведувајќи со 1-0.

Циципас го крена нивото на игра во продолжението, го намали бројот на неизнудени грешки и сервираше посигурно. Од друга страна, иако играта на Ѓоковиќ беше во пад, тој успеваше да го задржи чекорот со порасположениот противник. Тензијата на теренот порасна, Новак беше свиркан од публиката која се обидуваше да го дестабилизира. Гркот имаше сет-топка при 5-4 и сервис на Ѓоковиќ, меѓутоа не ја искористи, а потоа ривалот го доби гемот и возврати на свирежите со сочни пцовки. Откако ниту еден тенисер не промаши, се влезе во тај-брејк. Во него двајцата одземаа противнички сервиси, меѓутоа Ѓоковиќ ја искористи првата сет-топка за со 7-4(6) да дојде до двојна позитива.

Веднаш на стартот на третиот сет Циципас успеа да тргне со брејк, меѓутоа Србинот експресно му возврати. Следеше период на сигурна игра на двајцата тенисери, без шанса за противникот при свој сервис. Во финишот на сетот притисокот беше врз грчкиот тенисер, кој сервираше за опстанок во мечот. Откако го издржа тоа, се влезе во нов тај-брејк. Ѓоковиќ влезе фуриозно во доигрувањето и поведе со 5-0, пред Гркот да има прва реакција и да врати три поени. 35-годишникот се избори за три меч-топки, Циципас одговори на две, меѓутоа третата значеше крај на мечот.

Со оваа победа Ѓоковиќ го освои својот десетти трофеј на Австралија Опен, а се израмни и со Рафаел Надал на „вечната листа“ со по 22 освоени Грен слем титули.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *