На денешен ден Атина Бојаџи го преплива Ламанш

Охриѓанката „страшниот канал“ го преплива за време од 13 часа и 20 минути и со тоа стана една од првите жени кои успеале да го „скротат“ Ламанш.

 

Бојаџи уште на 11 годишна возраст била рекордер во пливање на кратки патеки во слободен стил и делфин. Била светски шампион во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година и до денес останува најмлад шампион на охридскиот маратон со само 18 години.

Препливувањето на Ла Манш е врв на нејзината пливачка кариера, а ваквиот подвиг на ученичката на славните Александар Радиќ, Славе Фиљан и Славко Његован шест години по големиот успех добива и екранизација на големото платно. Во 1975 година режисерот Милан Ѓурчинов го снима македонскиот игран филм „Исправи се Делфина“ во кој улогата на Делфина, лик креиран според животот и успесите на Бојаџи, го игра познатата југословенска актерка Неда Арнериќ.

По дочекот организиран во нејзина чест Атина Бојаџи изјавила: „Дочекот беше прекрасен, од селото Косел до плоштадот во центарот на Охрид имаше колони од луѓе. Јас седната во кабриолет во таа гужва го слушнав гласот на син ми кој во плач викаше: „Мајко, кои се овие луѓе, што е ова?“. Јас навистина до ден денес нема да го заборавам тој дочек, беа излезени речиси сите охриѓани“.

Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет (МОК) и го доделува признанието „Великан на македонскиот спорт“, а во 2000 година дневниот весник „Утрински весник“ ја прогласи за спортист на векот. Во чест на „хероината од Ламанш“ спортскиот комплекс кај „Билјанини извори“ во Охрид го носи името „Атина Бојаџи“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *